И покрај тоа што во 2025 година Кина забележа најбрз раст на соларната и ветерната енергија досега, земјата истовремено пушти во употреба рекорден број нови термоелектрани на јаглен, што повторно ги отвори прашањата за нејзината климатска стратегија и реалната подготвеност за намалување на емисиите на јаглерод.
Според заеднички извештај објавен на 3 февруари од Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух (CREA) и Global Energy Monitor, во текот на 2025 година биле пуштени во работа повеќе од 50 големи јагленски енергетски единици со капацитет од најмалку 1 гигават. За споредба, во претходната деценија во просек се активирале помалку од 20 вакви единици годишно. Вкупно, Кина додала 78 гигавати нов капацитет на јаглен, што претставува значително зголемување во однос на претходните години.
Авторите на извештајот предупредуваат дека обемот на изградбата е исклучително голем. „Само во 2025 година, Кина пушти во работа повеќе јагленски капацитети отколку што Индија изградила во целата последна деценија“, наведува коавторката на извештајот, Кристин Ширер од Global Energy Monitor.
Истовремено, зголеменото производство од обновливи извори довело до благо намалување на уделот на јагленот во вкупното производство на електрична енергија. Производството од јаглен опаднало за околу 1 %, бидејќи растот на соларната и ветерната енергија целосно го покрил порастот на побарувачката за струја во текот на годината.
Според податоците на кинеската Национална енергетска администрација, во 2025 година земјата додала 315 гигавати соларен капацитет и 119 гигавати ветерна енергија – бројки што ја потврдуваат амбицијата на Пекинг да стане глобален лидер во обновливите извори.
Сепак, останува прашањето зошто Кина продолжува интензивно да гради јагленски централи и покрај ваквиот раст. Аналитичарите наведуваат повеќе причини: земјата сè уште е во фаза на индустриски и социјален развој, со растечка средна класа од 1,4 милијарди жители и зголемена побарувачка за електрична енергија – од домашни апарати до индустриско производство и развој на вештачка интелигенција, која е стратешки приоритет за кинеската влада.
Дополнителен фактор се и сериозните енергетски прекини во 2021 и 2022 година, кога суши ја намалија хидроенергијата, а некои региони се соочија со рестрикции и привремени прекини во производството. Како одговор, државата сигнализираше потреба од зголемена енергетска сигурност, што доведе до бран дозволи за изградба на нови термоцентрали. Многу од тие проекти, одобрени во 2022 и 2023 година, токму во 2025 година беа пуштени во употреба.
Во текот на минатата година започнала и изградба на дополнителни 83 гигавати јагленски капацитети, што укажува дека нови термоцентрали би можеле да бидат активирани и во наредниот период.
Официјалниот став на кинеските власти е дека јагленот треба да има „поддржувачка и балансирачка улога“ во енергетскиот систем, како стабилна резерва за обновливите извори зависни од временски услови. Сепак, експертите предупредуваат дека прекумерната изградба на вакви капацитети може да го забави преминот кон чиста енергија, бидејќи економските и политичките притисоци ќе ги одржуваат термоцентралите активни подолго од планираното.
Извештајот ја повикува Кина да го забрза повлекувањето на старите и неефикасни јагленски централи и во следниот петгодишен план јасно да се обврзе дека емисиите од енергетскиот сектор нема да растат во периодот меѓу 2025 и 2030 година.
„Клучното прашање е дали улогата на јагленот навистина ќе остане ограничена на резервна поддршка, или повторно ќе стане основен извор на енергија“, предупредуваат авторите на анализата.
