Кинеското Министерство за надворешни работи остро ги критикуваше Соединетите Американски Држави, обвинувајќи ги за сериозно кршење на меѓународното право, откако американската крајбрежна стража пресретна танкер со венецуелска нафта во меѓународни води, на пат кон Кина.
Гласноговорникот на кинеската дипломатија, Лин Џиан, изјави дека Венецуела има легитимно право да развива односи со други држави и дека Пекинг се противи на сите, како што ги нарече, „еднострани и незаконски санкции“. Изјавата беше дадена за време на редовната прес-конференција во Пекинг.
Инцидентот се случи неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп најави „блокада“ на сите санкционирани танкери кои влегуваат или излегуваат од Венецуела. Американската крајбрежна стража во саботата пресретнала уште еден танкер во близина на венецуелскиот брег.
Според достапните документи, танкерот Centuries бил натоварен во Венецуела под лажно име „Crag“ и превезувал околу 1,8 милиони барели сурова нафта од типот Merey, наменета за кинескиот пазар. Нафтата била купена од компанијата Satau Tijana Oil Trading, која дејствува како посредник во продажбата на сурова нафта од венецуелската државна компанија PDVSA кон кинески независни рафинерии.
Од Белата куќа соопштија дека станува збор за „брод под лажно знаме“ кој превезувал санкционирана нафта и бил дел од, како што ја нарекоа, тајната флота на Венецуела.
Владата во Каракас го осуди потегот на САД, оценувајќи го како „сериозен чин на меѓународно пиратство“.
Кина моментално е најголемиот купувач на венецуелска сурова нафта, која учествува со околу четири проценти во вкупниот кинески увоз на нафта.
Инцидентот дополнително ги заострува односите меѓу Вашингтон и Пекинг, во период кога геополитичките тензии околу енергијата, санкциите и глобалните трговски рути се во пораст.