Кина ја засилува демонстрацијата на воена и воздухопловна моќ во Сингапур

Пекинг го искористи азискиот аеромитинг за јасна порака до Југоисточна Азија – и во одбраната и во цивилното воздухопловство
Foto: EPA

Кина го искористи овонеделниот Singapore Airshow за демонстрација на својата воена и воздухопловна моќ, привлекувајќи значително внимание од регионалните делегации во момент кога Пекинг ја засилува борбата за политичко и безбедносно влијание во Југоисточна Азија. Иако кинеските борбени авиони и патнички летала сè уште не се масовно прифатени на глобалниот пазар, нивните производители на најголемиот азиски саем за воздухопловство годинава настапија со поголема самодоверба и јасна стратегија, пренесува „Ројтерс“.

Дополнителен простор за кинескиот настап отвори и политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, кој јавно критикуваше дел од сојузниците и воведе царини, иако американската војска истовремено демонстрираше сила со операции во Латинска Америка и зголемено поморско присуство околу Иран. Аналитичарите оценуваат дека ваквата комбинација создава чувство на неизвесност кај земјите од регионот, што Пекинг настојува да го искористи.

Особено внимание привлече дебитантскиот настап на акробатскиот тим на воздухопловните сили на Народноослободителната војска на Кина со борбените авиони „Ченгду J-10C“. Извозната верзија J-10CE веќе се најде во фокусот во 2025 година, кога Пакистан ја користеше за соборување на индиски „Рафал“. Кинеските државни медиуми објавија дека авионите директно долетале во Сингапур со полнење гориво во воздух, што експертите го толкуваат како јасна порака за растечката способност на Кина за проекција на воена моќ надвор од сопствените граници.

Во изложбените сали, кинеските државни компании имаа доминантна позиција, а централно место зазеде моделот на повеќенаменскиот „стелт“ борбен авион J-35A на корпорацијата AVIC. Иако техничките детали не беа јавно презентирани, пораката до потенцијалните азиски купувачи беше јасна: Кина се позиционира како алтернатива за земјите кои не можат или не смеат да купуваат западна воена опрема.

Одбранбени претставници од Југоисточна Азија во голем број ги посетија кинеските штандови, што укажува на растечки интерес за кинеската понуда во време кога дел од владите во регионот сè повеќе се сомневаат во долгорочните безбедносни гаранции од Вашингтон. Според западни извори од индустријата, разговорите не се нужно нови, но политичкиот контекст значително се променил.

Покрај воената компонента, Кина настапи и со јасни амбиции во цивилното воздухопловство. Државниот производител COMAC повторно го претстави теснотрупниот авион C919, како и моделот на идниот широкотрупен C929, кој сега се развива како целосно кинески проект по прекинот на соработката со Русија. Делегации од Југоисточна Азија, вклучително и од Индонезија, покажаа интерес за овие летала, иако западните аналитичари предупредуваат дека ќе бидат потребни години за Кина да изгради глобална мрежа и доверба каква што имаат „Ербас“ и „Боинг“.

Сепак, поширокиот комерцијален настап – вклучително и пазарот на резервни делови – покажува дека Пекинг систематски гради позиција во момент кога глобалните синџири на снабдување се под притисок. За многумина на саемот, пораката беше јасна: Кина не настапува само како изложувач, туку како сила што сака да ја редефинира рамнотежата на моќ во азискиот воздушен и безбедносен простор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни