Кина воведе санкции за американски компании поради вооружување на Тајван

Пекинг санкционира 20 американски одбранбени компании и 10 поединци по најголемиот пакет оружје што САД му го одобрија на Тајван

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека воведува санкции против 10 поединци и 20 американски одбранбени компании, поради продажбата на оружје на Тајван. Мерките вклучуваат замрзнување на целиот имот што санкционираните субјекти го поседуваат во Кина, како и забрана за кинески организации и граѓани да соработуваат со нив.

Меѓу компаниите опфатени со санкциите се наоѓаат и американски одбранбени гиганти, вклучително и подружница на Boeing во Сент Луис, како и Northrop Grumman и L3Harris. На списокот се и основачот на одбранбената компанија Anduril Industries, како и девет високи менаџери од санкционираните фирми, на кои им е забранет и влез во Кина.

Одлуката следува откако Соединетите Американски Држави минатата недела објавија продажба на оружје на Тајван во вредност од 11,1 милијарди долари – најголемиот американски пакет воена помош за островот досега. Потегот предизвика остра реакција од Кина, која ваквите трансакции ги смета за директно мешање во нејзините внатрешни работи.

„Прашањето за Тајван е суштинско за кинеските национални интереси и претставува прва црвена линија што не смее да се премине во односите меѓу Кина и Соединетите Американски Држави“, изјави портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи. Во соопштението се предупредува дека секоја, како што беше наведено, „провокативна активност“ поврзана со Тајван ќе наиде на силен одговор од Пекинг.

Кина го смета Тајван за дел од својата територија, додека властите во Тајпеј тврдат дека островот има сопствен суверенитет. САД, според законот од 1979 година, се обврзани да обезбедуваат средства за одбрана и заштита на човековите права на Тајван, иако продажбата на оружје редовно создава тензии во односите со Пекинг.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни