Кина подготвува нови правила за контрола на таканаречените „дигитални луѓе“, односно виртуелни ликови и AI системи што комуницираат како вистински личности. Нацрт-регулативата, објавена од Кинеската управа за сајбер-простор, предвидува ваквата содржина јасно да биде означена, а услугите што можат да доведат деца во заблуда или да поттикнат зависност да бидат ограничени или забранети. Јавната расправа за правилата ќе трае до 6 мај.
Според предлогот, „дигиталните луѓе“ нема да смеат да нудат „виртуелни интимни односи“ на лица под 18 години. Исто така, ќе биде забрането да се користат туѓи лични податоци за создавање дигитален лик без согласност, како и виртуелни ликови да се користат за заобиколување на системи за проверка на идентитет.
Правилата предвидуваат и строги ограничувања за содржина што Пекинг ја смета за опасна: забранети би биле пораки што, според кинеските власти, ја загрозуваат националната безбедност, поттикнуваат субверзија, сецесија или ја нарушуваат националната кохезија. Давателите на услуги треба и да спречуваат сексуално сугестивна, хорор или сурова содржина, како и материјали што поттикнуваат дискриминација по етничка или регионална основа.
Во документот има и одредба што бара платформите да интервенираат кога корисниците покажуваат самоубиствени или самоповредувачки тенденции и, каде што е потребно, да обезбедат стручна помош. Со тоа Кина се обидува истовремено да го забрза ширењето на вештачката интелигенција во економијата и да задржи строга политичка и општествена контрола врз индустријата. Минатиот месец Пекинг веќе најави дека агресивно ќе го шири AI низ целата економија, но под услов да биде усогласен со државните безбедносни и идеолошки приоритети.
Од кинескиот регулатор порачуваат дека управувањето со „дигиталните луѓе“ повеќе не е само прашање на индустриски стандарди, туку стратешко прашање поврзано со сајбер-безбедноста, јавниот интерес и развојот на дигиталната економија. Новите правила затоа не се само техничка регулатива, туку уште еден сигнал дека Кина сака AI да расте брзо, но под јасно поставени црвени линии.