Кина подготвува контрамерки како одговор на новите царини кои ги воведе САД, јави „Global Times“, зголемувајќи го залогот во ескалирачкиот трговски конфликт меѓу двете најголеми економии на светот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата недела ја заплаши Кина со дополнителни царини од 10%, кои треба да стапат на сила во вторник, што би довело до кумулативни царини од 20%. Покрај тоа, го обвини Пекинг дека не прави доволно за да го спречи влезот на фентанил во САД, што Кина го опиша како „обид за уцена“, пренесува Хина.
Според извори од „Global Times“, Кина ги проучува и формулира контрамерките за да одговори на заканата на САД за воведување дополнителни царини од 10% на кинески производи под изговорот за спречување на шверцот со фентанил. Контрамерките веројатно ќе вклучуваат царини и низа други мерки, а листата најверојатно ќе ги опфати земјоделските и прехранбените производи.
Министерството за трговија на Кина и амбасадата на САД во Пекинг не одговорија на барањата за коментар.
Кина и натаму се надева на преговори
Кина останува најголем пазар за американски земјоделски производи и покрај падот на увозот по воведувањето на царини од 25% на соја, говедско месо, свинско месо, пченица, пченка и сирење во 2018 година, како одмазда за царините што Трамп ги воведе на кинеската стока.
И покрај тоа што е најголемиот увозник на земјоделски производи во светот и втората најголема економија, Кина увезе американски земјоделски производи во вредност од 29,25 милијарди долари во 2024 година.
По најавата на Трамп, Пекинг имал помалку од недела дена да изнајде контрамерки или да постигне договор. Аналитичарите велат дека Кина и натаму се надева на преговори со администрацијата на Трамп, но без знаци за трговски преговори, можноста за приближување на двете економии се намалува.