Бројот на жители во Кина опаѓа четврта година по ред

Наталитетот падна на најниско ниво од 1949 година, додека стареењето на населението и високите трошоци за живот ја продлабочуваат демографската криза.

Бројот на жители во Кина се намалил и во 2025 година, што е четврта последователна година на демографски пад, покажуваат официјалните податоци објавени денеска. Според кинеските власти, населението е намалено за 3,39 милиони и на крајот од 2025 изнесува околу 1,4 милијарди жители – побрз пад во однос на претходната година.

Стапката на наталитет се спуштила на 5,63 раѓања на 1000 жители, што е најниско ниво од 1949 година, кога Комунистичката партија дојде на власт. Истовремено, стапката на смртност пораснала на 8,04 на 1000 жители – највисока од 1968 година, јавува BBC.

Обиди на државата да го поттикне раѓањето

Соочена со стареење на населението и забавување на економскиот раст, кинеската влада во последните години воведе низа мерки за поттикнување на браковите и раѓањето деца. Политиката на едно дете беше укината во 2016 година и заменета со дозвола за две деца, а од 2021 година и за три деца по семејство.

Националните власти неодамна понудија финансиска поддршка од 3600 јуани за секое дете помладо од три години, додека одделни покраини воведоа дополнителни бонуси, продолжено породилно отсуство и други олеснувања. Дел од мерките, како новиот данок од 13% на контрацептивни средства, предизвикаа јавни реакции и загриженост за можни негативни последици по јавното здравје.

Високи трошоци и промена на животните приоритети

Кина има една од најниските стапки на фертилитет во светот – околу едно дете по жена, што е далеку под нивото потребно за природна замена на населението. Според извештај од 2024 година, земјата е меѓу најскапите за одгледување дете, што дополнително ги обесхрабрува младите семејства.

Многу млади Кинези за медиумите наведуваат дека се одлучуваат да немаат деца поради високите трошоци, притисокот за „совршено родителство“ и желбата за послободен и помалку стресен живот.

Долгорочни последици

Според проценките на Обединетите нации, кинеското население ќе продолжи да се намалува и до крајот на векот би можело да се преполови. Овој тренд носи сериозни економски и општествени последици за втората најголема економија во светот: од намалување на работната сила и потрошувачката, до зголемен притисок врз пензискиот и социјалниот систем.

Со сè поголем број стари лица и сè помал број млади, Кина се соочува со демографски предизвик што, според експертите, ќе го обликува нејзиниот економски и политички развој во наредните децении.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни