Кина објави насоки за е-трговија по посетата на делегација на ЕУ

Пекинг објави нови насоки за е-трговија по посетата на делегација на ЕУ, со цел усогласување со меѓународните пазари и развој на секторот.

Набрзо по посетата на делегација на Европскиот парламент во Кина и разговорите за предизвиците во е-трговијата и конкуренцијата, Пекинг објави нови насоки за развојот на секторот. Овие насоки имаат за цел да го усогласат кинескиот развој со меѓународните пазари, јавува Ројтерс.

За време на посетата, пратениците на ЕП вршеа притисок врз Кина поради зголемениот внес на опасни производи во Европската унија и ограничениот пристап до кинескиот пазар. ЕУ минатиот месец одлучи да ја реформира царинската политика, вклучувајќи и можност за санкционирање на кинески платформи за е-трговија кои продаваат нелегални или небезбедни производи.

Новите насоки на Кина се фокусираат на постигнување рамнотежа помеѓу промоцијата, регулацијата, ефикасноста и праведноста, со интеграција на дигиталната и реалната економија. Во документот се предвидени и пилот-зони за прекугранична трговија, кои ќе служат за специјални иницијативи, воспоставување стандарди и проширување на платформите на странски пазари.

Пекинг исто така охрабрува компании во секторот е-трговија да формираат бази за директна набавка во странство, да го зголемат увозот на квалитетни производи и да овозможат „брза лента“ за влез на стоки од светот на кинескиот пазар.

Бо Чен, истражувач од Источноазискиот институт при Националниот универзитет во Сингапур, ја оцени одлуката како конструктивен чекор кон намалување на проблемите меѓу ЕУ и Кина во е-трговијата, иако не верува дека тоа целосно ќе го реши спорот. Тој наведува дека можни се привремени решенија кои би можеле да се претворат во поширок договор.

Насоките се подготвени заеднички од министерствата за трговија, индустрија, земјоделство и туризам, како и од регулатори на сајбер-просторот и пазарите, без да се посочува конкретен регион во светот. Кинеското Министерство за надворешни работи истакна дека посетата на делегацијата на ЕУ може да го подобри разбирањето на Унијата за Кина и да ја поддржи стабилноста на билатералните односи.

Посетата беше сигнал за обновување на ангажманот по периодот на тензии околу трговската нерамнотежа, врските на Пекинг со Русија во услови на војната во Украина и контроверзии околу извозот на ретки минерали.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни