Кина успешно лансираше експериментално вселенско летело за повеќекратна употреба, потврди државната агенција Синхуа, пренесува Ројтерс. Леталото беше испратено во орбита со ракетата Долг марш-2F од сателитскиот лансирен центар Џиукван, на северозападот од земјата.
Според официјалните информации, ова е четврто лансирање на експериментално летело за повеќекратна употреба што Кина го спроведува од 2020 година наваму. Целта на мисијата е тестирање на клучни технологии поврзани со ваков тип летала и обезбедување техничка поддршка за, како што наведуваат властите, „мирнодопско користење на вселената“.
Надлежните институции не објавија колку долго летелото ќе остане во орбитата, ниту на која висина ќе се движи, а деталите за технологиите што се тестираат остануваат необјавени. Ваквата воздржаност околу информациите е вообичаена за кинеските експериментални вселенски мисии, особено оние поврзани со нови и стратешки чувствителни технологии.
Развојот на летала за повеќекратна употреба се смета за клучен чекор во намалување на трошоците за вселенски мисии и зголемување на нивната фреквенција. Со ваквите технологии, државите што инвестираат во нив настојуваат да создадат пофлексибилни и поодржливи вселенски програми, во услови на зголемена глобална конкуренција.
Првото кинеско експериментално летело за повеќекратна употреба беше лансирано во септември 2020 година и помина два дена во орбитата. Втората мисија, започната во август 2022 година, траеше 276 дена, додека леталото лансирано во септември 2024 година успешно се врати на предвиденото место за слетување по 268 дена во орбитата. Овие податоци, според Синхуа, укажуваат на постепен напредок и зголемена сигурност на кинеската програма за повеќекратни вселенски летала
