Кина им забрани на основачите на AI стартап да ја напуштат земјата по превземањето од Meta

Кина им забрани на основачите на AI стартапот Manus да ја напуштат земјата по преземањето од Meta. Властите го преиспитуваат договорот и можното влијание врз националната безбедност.

Кинеските власти им забранија на клучните луѓе од стартапот Manus да ја напуштат земјата, откако американскиот технолошки гигант Meta го презеде стартапот со цел да ги зајакне своите капацитети во областа на вештачката интелигенција.

Според извештаите, извршниот директор на Manus, Xiao Hong, и главниот научник Ji Yichao се под ограничувања за патување додека регулаторите го разгледуваат договорот и неговата усогласеност со кинеските закони.

Manus брзо привлече глобално внимание откако ја претстави својата технологија како „прв целосно автономен AI агент“ – систем што може самостојно да извршува сложени задачи, од купување недвижности и програмирање игри до анализа на берзи и планирање патувања. Стартапот често се споредуваше со DeepSeek, еден од најбрзо растечките AI играчи во Кина.

Иако од Meta тврдат дека аквизицијата нема да влијае врз начинот на функционирање на Manus, реакцијата на Пекинг покажува дека прашањето не е само технолошко – туку и геополитичко.

Овој потег на Кина може да се чита како дел од пошироката стратегија за контрола на чувствителните технологии и спречување на „одлив на знаење“ кон Западот. Во последниве години, Пекинг сè почесто интервенира кога домашни технолошки компании стануваат мета на странски аквизиции, особено во секторот на вештачка интелигенција.

Дополнително, ограничувањето на движењето на извршни директори е сигнал дека државата ја гледа вештачката интелигенција како прашање на национална безбедност, а не само економска можност.

За Meta, ова може да значи нови пречки во глобалната AI трка, каде регулаторните бариери стануваат подеднакво важни како и самата технологија. Од друга страна, за Кина – ова е обид да го задржи врвниот талент и иновации во рамките на сопствените граници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни