Спасувачките служби во Кина и натаму трагаат по осум лица кои се водат како исчезнати по експлозијата што вчера се случи во челичарница во Внатрешна Монголија, соопштија локалните власти.
Според официјалните информации, во експлозијата загинале две лица, додека 84 работници биле хоспитализирани. Инцидентот се случил во фабрика во градот Баотоу, при што експлодирал резервоар под притисок наменет за складирање на пареа со висока температура.
Очевидци наведуваат дека експлозијата предизвикала силно подрхтување на тлото, а над фабриката се издигнал густ облак бел чад, видлив и од поголема оддалеченост.
Кинеската полиција привела неколку одговорни лица, додека истрагата за причините за експлозијата е во тек. Челичарницата е во сопственост на државната компанија Baogang United Steel, една од најголемите во регионот.
Властите соопштија дека спасувачките операции продолжуваат сè додека не се утврди судбината на сите исчезнати лица.