Возачот на Мерцедес, Кими Антонели, ќе стартува од првата позиција на трката за Големата награда на Кина во Шангај, откако беше најбрз на денешните квалификации.
Антонели оствари време од 1:32,064 минути и со тоа стана најмладиот возач во историјата на Формула 1 кој ќе стартува од пол-позиција.
Италијанскиот возач, кој има 19 години, го собори рекордот на Себастијан Фетел. Германецот имаше 21 година и 73 дена кога во 2008 година, возејќи за Торо Росо, стартуваше од првата позиција на трката за Големата награда на Италија.
Од втората позиција ќе стартува неговиот тимски колега од Мерцедес, Џорџ Расел, кој беше побавен за 0,222 секунди, откако имаше технички проблеми со болидот. Британецот утрово победи на спринт трката.
Седумкратниот светски шампион и возач на Ферари, Луис Хамилтон, ќе стартува од третата позиција, со заостанување од 0,351 секунда зад Антонели.
Неговиот тимски колега Шарл Леклер беше четврти во квалификациите, а зад него се пласираа возачите на Мекларен, Оскар Пјастри и актуелниот шампион Ландо Норис.
Од седмата позиција ќе тргне возачот на Алпин, Пјер Гасли, додека осмата и деветтата позиција им припаднаа на возачите на Ред Бул, Макс Верстапен и Исак Хаџар. Десетти во квалификациите беше Оливер Берман од Хас.
Трката за Големата награда на Кина ќе се вози во недела од 8 часот по локално време во Шангај. 🏁