Украинската престолнина Киев рано утринава повторно беше цел на голем руски ракетен напад, при што се погодени повеќе објекти во градот, соопштија локалните власти.
„Масовниот напад врз престолнината сè уште е во тек“, објави градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм, додавајќи дека проектили погодиле згради од двете страни на реката Дњепар.
Засега нема официјални информации за жртви, но на терен се испратени екипи на итната медицинска помош. Началникот на киевската воена управа, Тимур Ткаченко, потврди дека е регистриран најмалку еден директен погодок во источните предградија на градот.
Новинарите на Ројтерс јавуваат дека во текот на ноќта се слушале силни експлозии кои одекнувале низ градот.
Под напад и Дњипро
Под ракетен оган се нашол и градот Дњипро, на југоистокот на земјата. Регионалниот гувернер Олександр Ганжа соопшти дека се оштетени повеќе приватни куќи и автомобили, но засега нема информации за загинати или повредени.
Воздушните тревоги за опасност од напади останаа активни во Киев и Дњипро долго по полноќ.
Нападот доаѓа во време на засилени борбени активности и продолжени ракетни и дронски напади врз украинските градови.
Извор: Hina / EPA / Reuters
