Подоцна Украина презеде одговорност за ударите врз клучни воени и енергетски цели, пренесува Kyiv Post.
Напади низ повеќе региони
Во Волгоградската област е погодено нафтено складиште во градот Урјупинск, соопшти гувернерот Андреј Бочаров. Нападот предизвикал пожар, а жителите на блиските куќи биле евакуирани. Според независниот медиум Astra, станува збор за складиште на компанијата „AlfaOil“, кое содржи 18 резервоари со бензин и дизел гориво. Истото постројување било нападнато и на 3 декември.
Дронови ја погодиле и нафтената рафинерија Ново-Јарославска во Јарослављ, само два дена по претходен напад на истата локација. Поради инцидентот, на локалниот аеродром бил прогласен вонреден план „Тепих“, а воздушниот сообраќај бил привремено запрен.
Оваа рафинерија е една од најголемите во централна Русија, со годишен капацитет од околу 15 милиони тони, и е во сопственост на компанијата „Славнефт“, која е под контрола на „Роснефт“ и „Гаспром“. Во Краснодарскиот крај бил нападнат Северскиот округ, вклучувајќи го селото Афипски, каде се наоѓа рафинеријата „Афипски“ со капацитет од 9,1 милион тонa годишно, која исто така беше цел и на 29 ноември.
Паднати остатоци од дрон предизвикале пожар во една куќа, оштетиле уште четири објекти, урнале далекувод и оставиле цело село без електрична енергија. Одделен удар со дрон предизвикал пожар и во нафтено складиште на анектираниот Крим, во селото Битумне, во близина на Симферопол, што го потврдуваат и сателитските снимки објавени од надзорниот канал „Кримски ветер“.
Украина ја потврди одговорноста
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле соборени 141 беспилотни летала, најмногу во регионите Брјанск (35), Крим (32) и Краснодарскиот крај (22). Сепак, Генералштабот на вооружените сили на Украина подоцна потврди уништување на рафинеријата „Афипски“, нафтеното складиште во Урјупинск и низа други воени цели.
„Единиците на вооружените сили на Украина ги погодија објектите на рафинеријата ‘Афипски’ во рускиот Краснодарски крај. На локацијата беа забележани експлозии и голем пожар. Обемот на штетата сè уште се утврдува“, соопшти Генералштабот.
Според украинските извештаи, во окупираните делови на Доњецката област биле погодени и станица за електронско војување „Волна-2“, две командни позиции на руската 76. воздушно-десантна дивизија, како и дополнителна станица за електронско војување и радар. Во Запорожската област бил погоден системот за противвоздушна одбрана „Тор-М2“ и руска лабораторија за беспилотни системи. На Крим, цел биле две складишта за гориво и муниција, како и радарските системи „Каста-2Е2“ и „96Л6Е“, клучни компоненти на системите С-300 и С-400.

Засилена кампања против руската енергетика
Овие удари се дел од засилената украинска кампања против руската енергетска инфраструктура, која трае од јули. Киев тврди дека прекинот на преработката на нафта и производството на горива директно ја ослабува способноста на Кремљ за водење на војната.
Новиот бран напади уследи помалку од 24 часа откако Украина на 11 декември изведе еден од најголемите комбинирани напади со дронови од почетокот на војната, кога беа лансирани речиси 300 дронови и крстосувачки ракети кон цели низ западна и централна Русија, на оддалеченост до речиси 2.000 километри. Главни цели тогаш беа пет големи енергетски постројки и четири воени аеродроми.
Еден од најзначајните удари се случи далеку од боиштето, кога далекуметни дронови ја погодија нафтената платформа на „Лукоил“ во Каспиското Море, околу 1.500 километри од украинските позиции, предизвикувајќи пожар и прекин на производството. Тоа беше првиот познат украински напад во каспискиот регион.
Извор: Index.hr
