Украина ја зафати силен студ, а температурите во Киев се значително под нулата. Претседателот Володимир Зеленски прогласи вонредна состојба во енергетскиот сектор.
Состојбата во главниот град е критична поради масовното уништување на енергетската инфраструктура предизвикано од неодамнешните руски напади. На сила се рестрикции на електричната енергија. Околу 400 станбени блокови воопшто немаат греење, а некои дури ни вода.
Во населбите на левиот брег од реката Днепар, струја има три до четири часа, а потоа девет до десет часа ја нема. Ова го соопшти украинската премиерка Јулија Свириденко во парламентот, каде зборуваше за енергетската состојба во Киев.
„На десниот брег струја има пет часа, а потоа следуваат пет часа без струја“, објасни таа, ветувајќи подобрување на состојбата во наредните денови, доколку нема нови руски напади.
Владата го критикува раководството на Киев поради лошата подготовка за грејната сезона во воени услови. „Харков се подготви, има мобилни котли и генератори. Киев е во многу полоша состојба, би рекол дека воопшто не е подготвен. Затоа сега мораме да преземеме кризно управување“, изјави во парламентот Денис Шмигал, поранешен премиер и министер за одбрана, пред гласањето за негово именување за министер за енергетика.
Луѓето сепак остануваат во градот
По жестоките руски напади во ноќта меѓу 8 и 9 јануари, градоначалникот Виталиј Кличко ги повика жителите на Киев да го напуштат градот доколку имаат можност, поради прекините во снабдувањето со струја, греење и вода.
„Апелирам до сите жители на главниот град кои имаат можност привремено да го напуштат градот и да заминат некаде каде има алтернативно снабдување со електрична енергија и греење“, напиша Кличко на Телеграм.
Дел од граѓаните навистина заминаа, но мнозинството останаа, бидејќи состојбата во предградијата е уште потешка.
„Во мојата викенд-населба луѓето веќе пет дена се без струја. Таму сè зависи од електричната енергија – нема гас. Водата, греењето и готвењето работат на струја. Предност имаат оние што имаат шпорет или камин и гориво“, напиша на Фејсбук корисничка која се претставува како Јулија Деткова.
Дебела облека, ќебиња и термофори
Градоначалникот Кличко оваа недела соопшти дека состојбата со струјата и греењето во Киев и понатаму е исклучително тешка и дека градската комисија за вонредни ситуации разгледува дополнителни мерки.
Во меѓувреме, жителите на Киев споделуваат совети за преживување на социјалните мрежи. Некои објавуваат фотографии завиткани во повеќе слоеви облека, други спијат под неколку термофори.
„Пет дена по ред температурата во мојот стан е 13–14 степени. Преку ден сум како зелка, а ноќе како ларва во својата чаура“, напиша Татјана Печончик, директорка на Центарот за човекови права ZMINA.
Под нејзината објава, граѓаните разменуваат искуства. „Конечно повторно имаме греење. Речиси три дена бевме без струја“, напиша Хана Хризјенко, додавајќи дека телефонот го полнела во градските шатори со генератори.
Мобилни засолништа за граѓаните
Службите за итни случаи поставија 47 шатори во Киев, познати како „точки на непобедливост“, кои се достапни 24 часа. Тие нудат греење, топол чај и струја од генератори за полнење мобилни телефони.
Граѓаните таму можат и да се поврзат на интернет за онлајн работа или учење. Според итните служби, повеќе од 9.000 луѓе веќе ги посетиле овие пунктови.
Големите супермаркети во Киев, исто така, отворија свои „точки на непобедливост“, каде што граѓаните можат бесплатно да полнат батерии или, со плаќање, да купат храна. Бесплатна храна се дели и на главната железничка станица и на приградските станици.
