Пред бројна публика, во Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб вчера беше свечено отворена изложбата „Простори на конјункција“, реализирана во соработка со Националната галерија на Македонија. Со оваа изложба, македонската современа уметност повторно го најде своето место на меѓународната културна мапа, преку проект што инсистира на активен дијалог меѓу делото, просторот и гледачот.
„Простори на конјункција (спојување)“ претставува повеќеслојна мултимедијална мрежа која го третира фрагментот како основна уметничка и наративна единица. Изложбата ја активира улогата на публиката како коавтор, повикувајќи ја да влезе во релација со архивираните траги на интимното, меморијата и личните и колективни граници, претставени низ различни медиуми.
Преку графика, цртеж, фотографија, видео, објект и колаж, уметниците не само што раскажуваат визуелни приказни, туку создаваат мултимедијални платформи во кои секој медиум функционира како посебен канал на конјункција – простор на спојување, преиспитување и ново значење.
Во рамки на уметничката компилација со наслов „Простори на конјункција – Картографија на фрагментот: наративи, граници, меморија“, претставени се дела на истакнати современи македонски автори: Роберт Јанкулоски, Велимир Жерновски, Моника Мотеска, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели и Марија Сотировска.
Во своето обраќање, директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, истакна дека со гостувањето на изложбата „Простори на конјункција“, Националната галерија на Македонија ја заокружува својата меѓународна изложбена мапа за оваа година, додека КИЦ Загреб ја избра токму оваа значајна изложба како финален акцент на сопствената годишна програма. Таа ја воведе публиката во концептуалниот контекст на проектот и нагласи дека дел од авторите – Жанета Вангели, Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска – веќе биле македонски претставници на Венециското биенале, додека Велимир Жерновски ќе ја претставува Македонија на оваа престижна манифестација следната година.
Пред присутните се обрати и Маја Крстевска, програмски раководител во Националната галерија, која даде стручен осврт на изложените дела, нагласувајќи дека поврзаноста, емпатијата и добрата мисла се клучни вредности што го оплеменуваат човечкото битие. Таа истакна дека завршувањето на изложбената сезона во Загреб токму со овој проект претставува голема чест и логичен културен завршеток на годината.
Изложбата за отворена ја прогласи директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани, кој потенцираше дека соработката со Македонскиот КИЦ во Загреб е јасен доказ за моќта на уметноста да гради мостови меѓу земјите и културите. Тој најави и идни заеднички проекти, при што изрази посебна благодарност за остварената соработка меѓу КИЦ Загреб и Музејот за уметности и занаети во Загреб, како нова можност за заемна афирмација на македонските и хрватските уметници.
Проектот „Простори на конјункција“ оваа година беше претставен и во македонските културно-информативни центри во Софија, Белград и Истанбул, а е реализиран со поддршка од Годишната програма за проекти од национален интерес на Министерството за култура и туризам.
