Германскиот железнички оператор Deutsche Bahn (DB) во средата соопшти дека бил цел на кибернетички напад кој предизвикал сериозни нарушувања во дигиталните услуги на компанијата.
Од компанијата информираа дека станува збор за таканаречен DDoS напад (distributed denial-of-service), кој ги погодил нивните ИТ-системи во вторник околу пладне. Поради нападот, биле прекинати информативните системи и алатките за резервација на билети преку веб-страницата и апликацијата Navigator, објави Deutsche Welle.
Напад од значителни размери
„DB е континуирано изложен на напади врз своите ИТ-системи. Актуелниот напад, кој се одвиваше во бранови, беше конкретно насочен кон нас и беше од значителни размери“, соопштија од компанијата.
Кај DDoS нападите, системот се преоптоварува со огромен број барања од различни извори, што може да доведе до забавување или целосен пад на системот. Ваквите напади често се сметаат за форма на дигитален вандализам.
Deutsche Bahn во вторник попладне ги известил корисниците за проблемите, а до вечерта соопштил дека системите повторно функционираат релативно стабилно. Сепак, утринава повторно се појавиле технички проблеми, за кои подоцна било потврдено дека се последица на истиот кибернапад.
Приоритет е заштитата на податоците
„Ги активиравме нашите одбранбени механизми со цел последиците за корисниците да бидат минимални“, порачаа од компанијата. Тие нагласија дека нема да шпекулираат за позадината на нападот, истакнувајќи дека главен приоритет останува заштитата на податоците на корисниците и достапноста на информативните и продажните системи.
Портпаролка на германското Министерство за внатрешни работи потврди дека компанијата е во контакт со националните тела за кибербезбедност.
Deutsche Bahn е национален железнички оператор во Германија, кој управува со патнички и товарни возови, како и со приградски железнички линии во повеќе германски градови.
Честа цел на напади
Германските безбедносни агенции предупредија дека транспортната инфраструктура претставува главна цел на кибернетички и физички напади, особено во контекст на зголемените тензии поврзани со хакерски групи што се доведуваат во врска со Русија и хибридни закани.
Минатата година, Deutsche Bahn пријави серија напади што ги опиша како „речиси секојдневни“, кои започнале во текот на летото. Исто така, беа саботирани клучни железнички линии меѓу Хамбург и Берлин, како и меѓу Келн и Диселдорф.
Во еден случај бил активиран експлозив во железнички тунел, а во друг биле пресечени надземни електрични водови. Истражителите разгледуваа можност зад саботажите да стои Русија, како дел од поширока стратегија за дестабилизација.
Германскиот министер за внатрешни работи, Alexander Dobrindt, претходно предупреди дека постојат наводни платеници кои, без директна поврзаност со странска влада, извршуваат кибернетички или физички напади врз инфраструктурата.
Во исто време, Германија се соочила и со напади врз инфраструктура за кои одговорност презеле левичарски активистички групи.