Минатата година, германската економија изгуби речиси 300 милијарди евра поради кибер напади, според најновите објавени резултати од истражувањето на Битком.
Анкетата покажува дека речиси половина од компаниите што успеале да ги идентификуваат изворите на кибер нападите ги поврзале трагите со Русија и Кина, додека околу една четвртина од компаниите ги поврзале нападите со земјите од Европската Унија или Соединетите Американски Држави, пренесува Ројтерс.
Директорот на Битком, Ралф Винтергерст, на прес-конференција изјави дека трагата на кибер нападите „води релативно јасно и недвосмислено кон исток, со две земји во преден план, Русија и Кина“.
Бројот на сајбер напади е во пораст од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, а безбедносните служби во развиените земји регистрираат сè повеќе инциденти во сајбер-просторот поради заострувањето на глобалната геополитичка ситуација. Најчеста причина за штета беше ransomware, кој ги заклучува важните податоци сè додека жртвата не го плати откупот.
34 проценти од компаниите во Германија беа изложени на вакви напади, што е зголемување во споредба со 12 проценти во 2022 година. Една од седум компании го плати откупот. Големите компании беа претежно подготвени за растечката закана во сајбер-просторот, додека малите, средните и микро компаниите, ‘рбетот на германската економија, честопати мораа да ги зајакнат своите безбедносни капацитети.
Поголемиот дел од штетата беше пријавена преку специфични загуби во производството или кражба, додека правните трошоци и трошоците за рехабилитација беа исто така значајни. Заменик-шефот на германската служба за внатрешна безбедност, Синан Селен, изјави дека линиите помеѓу криминалот и шпионажата во сајбер-просторот се сè повеќе нејасни и додаде дека државните служби често купуваат податоци за пристап од криминалци на темната мрежа.
Каква е состојбата во другите земји од ЕУ?
Според податоците од 2022 година и проценката на студијата на Астерес, бројот на успешни сајбер напади врз француски организации достигна околу 385.000, а вкупната штета е проценета на приближно 2 милијарди евра.
Директните трошоци за производство и изгубеното работно време, откупот, како и трошоците за отстранување на штетите го сочинуваат поголемиот дел од износот, објавува newsrnd.com.
За Обединетото Кралство, најновите достапни податоци се анкети што опфаќаат неколку години. Истражувањето на Хауден покажува дека помеѓу 2019 и 2024 година, приватните фирми во Велика Британија ќе претрпат загуби од приближно 53 милијарди евра во продажбата поради сајбер напади.
Полската влада значително го зголеми својот буџет за сајбер безбедност на 1 милијарда евра во 2025 година, по зголемените сајбер напади наводно извршени од актери поврзани со Русија. Нападите беа насочени кон критичната инфраструктура, вклучувајќи ги болниците и водоснабдувањето на градовите, објавува Фајненшл тајмс.
Еден од главните инциденти вклучуваше упад во ИТ системите на водоснабдувањето на еден голем град, кој беше спречен пред да предизвика прекин на услугата. Владата, исто така, издвои 80 милиони евра за зајакнување на сајбер-одбраната на водната инфраструктура.