Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска го номинираше поранешниот гувернер на Федералните резерви, Кевин Ворш, за нов претседател на американската централна банка, откако во мај истекува мандатот на актуелниот челник Џером Пауел, објави агенцијата Ројтерс.
Номинацијата, за која е потребна потврда од Сенатот на САД, беше соопштена преку објава на социјалните мрежи. Трамп изјави дека Ворш е „совршен избор“ и изрази уверување дека ќе остане запаметен како еден од најдобрите претседатели на ФЕД.
Објавата веднаш предизвика реакции на финансиските пазари: глобалните берзи забележаа умерен раст, доларот зајакна, додека цената на златото нагло се намали. Инвеститорите го доживуваат Ворш како кандидат кој би поддржал пониски каматни стапки, но без радикални чекори какви што предлагаа некои други имиња.
Сепак, не е извесно колку брзо и без пречки ќе помине процесот на потврдување во тесно поделениот Сенат. Републиканскиот сенатор Том Тилис најави дека нема да поддржи ниту еден кандидат за ФЕД додека не заврши кривичната истрага на Министерството за правда против Џером Пауел, што потенцијално може да го блокира процесот во Сенатската комисија за банкарство.
Од друга страна, дел од републиканците сметаат дека Ворш е соодветен кандидат кој може да ја зајакне независноста и законската мисија на централната банка.
Федералните резерви со децении се сметаат за столб на стабилност на глобалните финансиски пазари, токму поради нивната независност од политиката. Затоа, обидите на Трамп да изврши поголемо влијание врз монетарната политика ќе бидат клучна тема за време на расправата за номинацијата.
Кевин Ворш (55), адвокат и истражувач на Хувер институтот при Универзитетот Стенфорд, се залага за сеопфатна реформа на централната банка, вклучувајќи намалување на нејзиниот биланс и олеснување на банкарските регулативи. Тој смета дека ФЕД ја потценил улогата на растот на продуктивноста, особено поттикнат од вештачката интелигенција, во контролата на инфлацијата.
Ворш беше гувернер на ФЕД од 2006 до 2011 година и имаше значајна улога за време на финансиската криза од 2007–2009 година. Иако тогаш предупредуваше дека масовните откупи на обврзници може да предизвикаат инфлација, денес признава дека централната банка треба да го намали својот обем и да ја преиспита својата улога во економијата.
Номинацијата на Ворш се смета за кулминација на повеќемесечен процес во кој повеќе кандидати јавно ги презентираа своите визии за иднината на американската монетарна политика.
Извор -Reuters
