Кафеаната била изградена во 70-тите години од 19 век, кога скопската општина и скопскиот валија формирале парк „Ислахане“ (денешниот Градски парк). Во името „Ислахане“, всушност, се крие тајната за настанувањето на паркот.
Тоа го претставува објектот на Занаетчиското училиште, кое било изградено во 1869 година. Околу тој објект бил формиран парк, а подоцна до него, кон крајот на 19 век, била изградена и турската гимназија – идадија, чии остатоци до денес се зачувани на просторот до бараките на Општина Центар.
Објектот на занаетчиското училиште „Ислахане“ бил урнат многу порано, додека идадијата, подоцнежната учителска школа, била оштетена во скопскиот земјотрес од 1963 година. Како и многу други објекти, подоцна и тој бил урнат. Посебен изглед на паркот му давале засадените багреми, црни борови, фиданки од пирамидална топола, јасика, липа, четинари, дудинки (црници), разни ниски грмушки, ива-врба, трева, трајни цвеќиња и цвеќиња во саксии.
Во паркот биле изградени два киоска за продавање тутун и други намирници кои граѓаните ги купувале за време на прошетките и една кафеана (во записите стои „ресторан“). Всушност, станува збор за кафеаната „Ислахана“ (подоцна „Кермес“), проектирана во 1919 година од архитектот Гаврило Томиќ, кој се вбројува меѓу првите градители по завршувањето на Првата светска војна. Во сутеренот на објектот бил сместен Музејот на препарирани животни. Интервенции на архитектурата на објектот вршел Михаил Дворников. Објектот бил оштетен во земјотресот од 1963 година.
Денес, иако кафеаната „Кермес“ е во руинирана состојба, убавите спомени за неа сепак се чуваат и не згаснуваат. Таа претставувала култно место за семејни прошетки, за први љубови, за први свирки, за први гурмански јадења и скара, чиј мирис се чуствувал „од паркот, па сѐ до Калето“.
На платото пред „Кермес“ биле приредувани и концерти од страна на Градскиот оркестар. Седнувањето во кафеаната и можноста да се биде виден во неа се доживувале како престиж. Значајната улога на кафеаната ја гледаме и во тоа што во неа било одржано основачкото собрание на еден од најпознатите спортски клубови во тоа време – СК „Напредок“, но и собранијата на други спортски клубови.
Во 30-тите години од минатиот век, според Данило Коцевски, во кафеаната бил сместен дел од збирката на Природно-научниот музеј, кој бил основан од инвентивниот д-р Станко Караман. Во тоа време, тој претставувал еден вид музеј. Кафеаната „Кермес“ претставува разгледница на дамнешните љубови и на незаборавните спомени кои секогаш одново ги потсетуваат старите скопјани на овој култен дел од скопскиот парк. Всушност, таа е скопска легенда која сѐ уште трае.
Пред три години семејството Костовски, кои се сопственици на овој објект најавуваа камбек во бизнисот со целосна изградба на некогашниот ресторан. До оваа одлука семејството дошло по повеќе години тапкање во место и спор со градот Скопје за дел од парцелите околу објектот, кој заврши во нивна полза.
Дали ќе се вратат и ваквите спомени останува да се види. Иако оргиналниот објект на Кермес не постои со години, тој сепак е едно од малкуте места кои се уште ја носат приказната за старо Скопје. Неговата култна улога и интересна локација се очекува да се возобнови преку повторно реализирање на проектот.
Извор: gradska.mk