Cambridge речник го прогласи зборот „парасоцијално“ за збор на годината 2025, поради промени во општеството и начинот на кој публиката емоционално се поврзува со јавни личности.
Јазикот е жив организам, како што рече Меша Селимовиќ, и постојано сведочиме на појава на нови зборови, фрази и сленг, особено англиски. Некои од примерите на зборови кои релативно неодамна влегле во секојдневниот јазик се „situationship“ – однос помеѓу две лица меѓу пријателство и врска, и „slay“ – комплимент кој се користи кога нешто е импресивно изведено. Во последно време интернетот е збунет и од популарниот израз „six seven“ кој најчесто го користи генерацијата Алфа, и кој всушност нема конкретно значење.
Како што јазикот секоја година се менува и еволуира, лингвистите ширум светот го проучуваат, а бројни институции на крајот на годината прогласуваат збор кој најмногу ја обележал изминатата година. Меѓу нив е и Cambridge речникот, институција која од 1995 година редовно објавува изданија кои ревносно ги бележат сите промени во јазикот.
Зборови на годината
Првиот пат збор на годината е прогласен во 2015 година, а меѓу нив се наоѓаат зборови како „популизам“ (2017), „упорност“ (2021), „Хомер“ (2022), „халуцинирање“ (2023) и „манифестирање“ (2024). За 2025 година, одбран е зборот „парасоцијално“. Овој термин се користи за опишување на вид на однос во кој лицето доживува силни емоции кон јавна личност, доживувајќи ја како блиска или интимна, иако никогаш лично не ја запозналo. Пojамот потекнува од 1950-тите години, во истражувања за реакциите на гледачите кон телевизиски личности, но во дигиталниот свет на социјалните мрежи е актуелен повеќе од кога било.
Социјалните мрежи им овозможуваат на познатите личности да се обраќаат директно до јавноста и своите обожаватели, без посредници, што секоја објава прави исклучително лична. Следејќи ги објавите на некоја личност на Instagram, лајкајќи ги TikTok видеата или следејќи го стилот на Pinterest, се создава илузија дека ја познаваме личноста, како уште еден од нашите „пријатели“ чиј дигитален живот го следиме.
Тејлор Свифт манија
Еден од примерите за јавни личности кои го користат овој пристап е планетарно популарната американска пејачка Тејлор Свифт. Позната по тоа што пее главно авторски песни во кои зборува за својот личен живот, во 2025 година внимание привлече нејзината врска со NFL играчот Травис Келце. Јавноста со будно око следеше секој нивен јавен настап, а во август парот се верил, што, секако, беше објавено на Instagram.
Тејлор неодамна беше и на историска турнеја „The Eras Tour“, која ја погледна рекорден број луѓе, па не е чудно што токму таа е еден од причините за наглиот пораст во пребарувањето на зборот „парасоцијално“ на интернет во 2025 година. И додека лингвистичката промена е лесна за објаснување, социолошката промена – во која модерната публика создава емоционални врски со јавни личности – е малку поизазовна за анализирање.
