Келнери-роботи вистински хит во Кенија

Во елитно предградие на Наироби, ново гастрономско искуство ја привлекува публиката. Во „Робот кафе“, роботите им помагаат на вработените да ги услужат своите клиенти.

Роботите кои работат во новиот ресторан во Наироби се викаат Надиа и Клер. Тие станаа локална сензација, бидејќи лесно се движат помеѓу масите за да ги донесат нарачките во кафулето старо само два месеца.

„Понекогаш сме многу зафатени. За викенд уште повеќе. Кога кафулето е преполно, имаме ангажирано десет келнери и три роботи. Овие роботи се наши колеги, имаат имиња, ни помагаат со услугата и услугата е совршена“ вели келнерката Гладис Гуда.

Посетителите пристапуваат до менито на кафулето скенирајќи QR код од масата и нарачуваат оналјн. Откако нивната нарачка ќе биде подготвена, ѕвонче го информира човечкиот персонал, кој потоа ја мести нарачката на послужувалникот на роботот.

Роботите ја испорачуваат нарачката на масите, откако ќе се внесат неколку наредби на таблет. По долгите дневни смени, роботите се полнат навечер. Со нив се управува преку централен команден центар, кој содржи специјализиран софтвер.

Употребата на роботи како персонал во угостителски објекти не е нова – тие веќе се користат во Кина, Јапонија и Соединетите Американски Држави. Меѓутоа, ова е ново искуство за многумина во источна Африка.

Ресторанот изминатите недели е многу популарен, а роботите келнери се дочекани со многу ентузијазам од посетителите.

„Мислам дека ова е нешто единствено во нашата земја, во Кенија. Никогаш не сум видел ваков ресторан, па мислам дека тоа е добра идеја на сопственикот“ вели гостинот Паксон Чеге.

Но, воведувањето на роботи во Кенија ја зголеми загриженоста за кратењето на работните места, особено во угостителската индустрија, која вработува многу луѓе во Кенија.

Менаџерот Џон Кариуки брзо ја отфрли секоја загриженост, наведувајќи дека роботите се чисто за забава.

– Во ниту еден момент роботите не можат целосно да функционираат во сите услуги и се што треба да се одвива во ресторан без човечки допир, вели Кариуки.

Додека успехот на Robot Cafe може да започне нов тренд во Кенија, Едит Ојванг, независен консултант за угостителство, исто така потврдува:

– Угостителството е многу разновидно. Имаме клиенти кои претпочитаат роботска услуга и целосна автоматизација, додека имаме и клиенти кои претпочитаат човечка услуга, човечкиот допир и топлината што доаѓа со човечката услуга, така што тоа не е целосна закана за човечкиот труд поради разновидната природа на клиенти за гостопримство.

Извор: ХРТ

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни