Кејт, британската принцеза од Велс, се извини на социјалните мрежи во понеделникот за „секоја конфузија“ предизвикана од уредената фотографија објавена од палатата Кенсингтон во неделата.
Неколку водечки новински агенции, вклучително и Ројтерс, ја повлекоа фотографијата откако анализата по објавувањето покажа дека не ги исполнува нивните уредувачки стандарди поради сомневањата дека е фотошопирана.
„Како и многу фотографи аматери, повремено експериментирам со уредување“, гласи пораката на X потпишана со „C“ што значи дека е испратена од Кејт. „Би сакала да се извинам за каква било конфузија предизвикана од семејната фотографија што ја споделивме вчера.

На сликата се гледа како Кејт (42) позира со трите деца во Виндзор, каде живее семејството. Палатата Кенсингтон соопшти дека фотографијата е направена минатата недела од нејзиниот сопруг, престолонаследникот Вилијам.
Новинските агенции, вклучително Ројтерс, Асошиејтед прес и АФП ја повлекоа фотографијата подоцна во текот на неделата. Уредниците на фотографии на Ројтерс рекоа дека дел од ракавот на на ќерката на Кејт не бил правилен, што укажува на тоа дека фотографијата е изменета.

Фотографијата веќе привлече големо медиумско внимание, бидејќи е прва официјална фотографија на Кејт откако беше подложена на операција на абдоменот во јануари. Тогаш беше наведено дека не е канцер, без притоа да се дадат повеќе информации.
Иако нејзиниот кабинет соопшти дека нема да се врати на јавните обврски пред Велигден и дека добро закрепнува, на социјалните мрежи во последните недели интензивни се шпекулациите за нејзиното здравје.