Колку чини секој прекршок: казните што ги носи „Сејф сити“

Од 1 февруари, камерите ќе санкционираат четири сообраќајни прекршоци со јасно утврдени и фиксни казни, без директен контакт со полиција.

Со стапувањето во сила на системот „Сејф сити“ од 1 февруари 2026 година, во Северна Македонија започнува автоматско санкционирање на сообраќајни прекршоци преку камери и електронски уреди. Казните се утврдени согласно Законот за прекршоци и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и се однесуваат на четири конкретни прекршоци.

Најстрого се казнува пречекорувањето на дозволената брзина, при што висината на казната зависи од надминувањето. За брзина до 20 километри на час над дозволеното се предвидува казна од 20 евра, од 20 до 30 километри – 45 евра, додека за пречекорување од 30 до 50 километри следува казна од 300 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци. Доколку брзината е надмината за повеќе од 50 километри на час, казната изнесува 400 евра, со четири казнени поени и најмалку една година забрана за управување. Во населено место, санкциите се уште построги и може да достигнат и до 500 евра.

Минувањето на црвено светло ќе се санкционира со парична казна од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци. Доколку со прекршокот е предизвикана опасност или сообраќајна незгода, можно е и покренување кривична одговорност.

Системот автоматски ќе регистрира и управување со возило со истечена регистрација или сообраќајна дозвола. Во таков случај, возачот ќе плати казна од 100 евра, а сопственикот на возилото 250 евра, доколку станува збор за друго лице.

Непрописното запирање и паркирање исто така ќе биде под автоматска контрола. За стандардни прекршоци се предвидува казна од 30 евра, 45 евра доколку возилото го попречува сообраќајот, а 50 евра ако е паркирано на место наменето за лица со попреченост. Во случаи кога возилото претставува ризик, можно е и подигнување со пајак-служба, со дополнителни трошоци.

Законот предвидува и попуст од 50 проценти доколку казната се плати во рок од осум дена. По истекот на рокот, следува наплата во целост, со можност за присилна наплата.

Дополнително, возач кој ќе добие три забрани за управување во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола, а повторно полагање е можно најрано по една година.

Со воведувањето на „Сејф сити“, сообраќајниот надзор преминува од класични полициски контроли кон систем на автоматско санкционирање, базиран на видео и електронски докази.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни