Од почетокот на 2026 година, возачите кои ќе бидат затекнати на австриските автопати без важечка вињета се соочуваат со значително повисоки казни. Австриската компанија за автопати ASFINAG ја зголеми таканаречената „заменска патарина“, што за многумина може да значи скапо изненадување.
За патнички возила до 3,5 тони, казната за немање или користење неважечка вињета (без разлика дали е дигитална или лепенка) сега изнесува 200 евра, наместо досегашните 120. Тоа е зголемување од дури 67 проценти. За мотоциклистите, казната е зголемена од 65 на 100 евра.
Надлежните предупредуваат дека не е доволно само да се поседува вињета – таа мора да биде и правилно поставена. Според австрискиот авто-клуб ÖAMTC, строго е забранета употреба на фолии, вакуумски држачи или лепливи траки кои го спречуваат директниот контакт на вињетата со ветробранското стакло. Исто така, вињетата не смее да биде залепена на затемнет дел од стаклото. Во сите овие случаи, казната повторно изнесува 200 евра.
Заменската патарина може да се плати веднаш, на лице место, во готово или со платежна картичка. Доколку возачот одбие или не може веднаш да ја плати казната, се отвора прекршочна постапка, а глобата тогаш започнува од 300 евра и во одредени случаи може да достигне и до 3.000 евра.
Паралелно со зголемувањето на казните, пораснаа и цените на самите вињети за 2,9 проценти. Годишната вињета за автомобили сега чини 106,80 евра, што е за три евра повеќе од 2025 година, додека годишната вињета за мотоцикли изнесува 42,70 евра.
Црвената хартиена вињета за 2026 година воедно е и последна од ваков тип. Од 2027 година, во Австрија ќе се користат исклучиво дигитални вињети, што претставува целосен премин кон електронски систем на наплата.
