Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев денес потпиша закон со кој се забранува носење облека што го покрива лицето на јавни места, со што Казахстан се приклучи на неколку земји од Централна Азија кои воведуваат ограничувања за одредени облици на исламска облека.
Во текстот на законот се наведува дека облеката што „пречи во препознавањето на лицето“ ќе биде забранета на јавни места, освен за медицински цели, во неповолни временски услови и на спортски или културни настани.
Законот, кој е дел од пошироки амандмани потпишани денес, не ја споменува експлицитно религијата, ниту конкретизира кои видови верска облека се опфатени.
Токаев претходно истакна дека законот е можност за славење на етничкиот идентитет во Казахстан, земја со мнозинско муслиманско население и поранешна советска република.
„Подобро е да се носи национална облека“
„Наместо да се носат црни фустани кои го покриваат лицето, многу е подобро да се носи облека во национален стил“, го цитираа казахстанските медиуми претходно оваа година.
„Нашата национална облека живописно го истакнува нашиот етнички идентитет, и затоа мораме целосно да ја популаризираме“, објасни тој.
И други земји од Централна Азија во последните години воведоа слични закони.
Полицијата во Киргистан патролира по улиците за да ја спроведе забраната за носење на исламскиот никаб – ткаенина што го покрива лицето – според извештаи од локалните медиуми. Во Узбекистан, прекршувањето на законот за никаб се казнува со парична казна од над 200 евра. Претседателот на Таџикистан, Емомали Рахмон, потпиша забрана за носење облека на јавни места што е „страна на националната култура“.