Казахстан забрани „ЛГБТ пропагандата“: парични казни и затвор за прекршители

Казахстан го забрани „ЛГБТ пропагандата“ во медиумите и на интернет, со парични казни и затворска казна до 10 дена, поттикнувајќи критики од организации за човекови права.

Долниот дом на казахстанскиот парламент денеска усвои закон со кој се забранува „ЛГБТ пропагандата“ на интернет или во медиумите, со пропишани парични казни за прекршителите, а во случај на повторување на делото – до 10 дена затвор.

Законот потсетува на слични закони донесени во земји како Русија, Грузија и Унгарија. Сега ќе биде испратен во казахстанскиот Сенат, каде веројатно ќе биде усвоен.

Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев, чиј потпис е потребен за да законот стапи на сила, во последните месеци повеќепати го истакнуваше значењето на одржувањето на она што тој го нарекува „традиционални вредности“.

Пратениците во парламентот, кој го контролираат партии лојални на Токаев, едногласно гласаа за забраната.

Предупредувања од организации за човекови права

Групи за човекови права предупредија против донесувањето на законот. Меѓународното партнерство за човекови права со седиште во Белгија истакна дека тоа би било „очигледно кршење на меѓународните обврски на Казахстан во поглед на човековите права“.

Казахстан, земја со мнозинство муслиманско население, но главно секуларна, ја легализираше хомосексуалноста во 1990-тите, иако ставовите остануваат длабоко конзервативни.

Казахстанскиот министер за образование Гани Беисембаев, зборувајќи во корист на предлог-законот, рече на пратениците: „Децата и тинејџерите секојдневно се изложени на информации на интернет кои можат негативно да влијаат на нивните идеи за семејството, моралот и иднината“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни