„Кавалерија рустикана“ на сцената на МОБ на 28 јануари

Оперскиот бисер на Пјетро Маскањи повторно оживува со солисти, хор и оркестар на Националната опера и балет

Трагичната приказна за љубовта, страста, честа и одмаздата, раскажана преку операта Кавалерија рустикана од Пјетро Маскањи, повторно ќе оживее на сцената на Национална опера и балет на 28 јануари 2026 година, со почеток во 19.30 часот.

Ова оперско дело се смета за едно од најзначајните остварувања на Маскањи и е меѓу најизведуваните наслови на светските и домашните оперски сцени. Делото и денес останува препознатливо по својата силна драматичност и музичка експресивност.

Изведбата ќе биде под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари. Сценографијата е на Зоран Николовски, костимографијата на Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска.

Во солистичката екипа настапуваат Благица Поп Томова како Сантуца, Зоран Сотиров во улогата на Туриду, Ристе Велков како Алфио, Александра Лазаровска Василевски во улогата на Лола и Марика Поповиќ како мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни