Општина Кавадарци испрати помош за граѓаните во Кичево по поплавите што зафатија повеќе објекти по обилните врнежи. На терен се упатени две противпожарни возила со шест пожарникари, шест пумпи и дополнителна опрема за испумпување вода и санирање на штетите.
„Солидарноста е нашата најголема сила – кога е најтешко, заедно сме на терен“, објави градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Со оваа интервенција, Кавадарци се приклучува кон активностите за поддршка на погодените семејства во Кичево, каде што поплавени се домови, дворови и дел од инфраструктурата.
Сарај под притисок од водата
Во меѓувреме, повеќе од 30 домови се поплавени во скопската општина Сарај. Теренските екипи интензивно интервенираат за справување со последиците.
Градоначалникот Мухамед Елмази информираше дека во кризниот штаб се вклучени Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален и посветен ангажман. Дискутирани се понатамошните чекори за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за во иднина“, објави Елмази.
Надлежните институции остануваат во целосна готовност, а јавноста ќе биде редовно информирана за развојот на состојбата.