По години хаос, Клинички центар ќе добие катни гаражи

Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје се најавува изградба на два монтажни катни паркинга со најмалку 500 нови паркинг места, а цената за паркирање за пациентите нема да се зголеми.

По години проблеми со паркирањето во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и министерот за здравство Азир Алиу денеска потпишаа договор со кој Град Скопје ќе го преземе управувањето со паркиралиштата во комплексот.

Договорот е склучен на 15 години и предвидува закупнина од 10 проценти од вкупниот остварен промет. Во првата фаза е планирана изградба на два современи монтажни катни паркинга со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на следната година.

Според најавите, паркинзите ќе се градат кај Клиниката за гинекологија, од левата страна на главниот влез, како и на просторот кај малата црква, односно кај хелиодромот во рамките на Клиничкиот центар.

Ѓорѓиевски изјави дека со изградбата на катните гаражи треба конечно да се реши долгогодишниот проблем со паркирањето во комплексот. Тој нагласи дека пациентите ќе можат да ги користат паркинзите по истите цени како досега и со повластени услови.

По најавениот ребаланс на буџетот, кој треба да се одржи следната недела, ќе биде распишан тендер за проектирање и изградба на паркинзите. Избраниот оператор ќе треба да го изработи проектот и да ја реализира изградбата во рок што ќе биде утврден во соработка со Министерството за здравство.

Во рамки на проектот се најавува и нов систем за евиденција и наплата на паркирањето, кој ќе овозможи подобра детекција на слободни места и полесен пристап за граѓаните кои доаѓаат во Клиничкиот центар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни