Просторот каде што за време на пандемијата беше поставена модуларната болница веќе е расчистен, а таму ќе биде изградена една од трите монтажни катни гаражи. Останатите две се планирани кај Клиниката за гинекологија и кај Инфективната клиника, која според најавите ќе биде најголема.
Со системот ќе стопанисува ЈП „Градски паркинг“, а договорот ќе се потпише на 15 години. Град Скопје ќе ја преземе обврската за проектирање и изградба, додека закупнината ќе изнесува 10 проценти од вкупниот промет.
Различни цени – зависно од тоа кој паркира
Министерот за здравство Азир Алиу најави дека паркирањето нема да биде со една цена за сите.
Онколошките пациенти ќе продолжат да паркираат бесплатно. Пациентите што се лекуваат во Клинички ќе плаќаат достапна, некомерцијална цена. Вработените ќе имаат посебна тарифа прилагодена за администрацијата. За останатите граѓани – оние што доаѓаат во посета или од други причини – ќе важи комерцијална цена.
Точниот ценовник ќе го утврди Советот на Град Скопје, а ќе постојат четири начини на плаќање.
Паркинг што се резервира од дома
Планот не е само да се зголеми бројот на места, туку и да се воведе целосно паметен систем.
Со мобилна апликација граѓаните ќе можат однапред да резервираат место. На влез ќе се скенира код од резервацијата или лекарскиот упат. Секое паркинг-место ќе има сензор што ќе покажува дали е слободно, ќе има автоматска регистрација на возила, камери и поврзување со фискалниот систем.
Според проценките, најголем притисок на паркингот има меѓу 10 и 15 часот. Од Министерството уверуваат дека ќе има место за сите, а можно е по 16 часот цената да биде пониска.
Посебна трака за Брза помош
За итните случаи што пристигнуваат од целата држава ќе се обезбеди брза трака за возилата на Брза помош. Планиран е и нов влез кај Клиниката за кардиологија и кардиохирургија, наменет токму за вакви случаи.
Проектот предвидува и целосно уредување на просторот – ново ЛЕД-осветлување, пешачки патеки, зеленило и хортикултурно уредување.
Дали ова конечно ќе стави ред?
Паркирањето во Клинички со години е еден од најголемите проблеми за пациентите и нивните семејства. Со овој проект, властите ветуваат ред, технологија и повеќе достапност.
Останува да се види дали новиот систем навистина ќе донесе функционалност или ќе остане уште една добро звучна најава.
