Струшките вечери на поезијата

Македонска поетеса и книжевна теоретичарка Катица Ќулавкова е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“

Познатaта македонска поетеса, книжевна теоретичарка,  aкадемик Катица Ќулавкова е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата  за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Ќулавкова е добитничка на наградата за нејзината поетска збирка „Небото ми е дома“ (Духовна поезија) во издание на Струмичка православна епархија. Таа е добитничка по вторпат на ова највисоко признание, откако во 1989 година ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за стихозбирката „Жедби“

Жири комисијата во состав: : Ефтим Клетников (претседател), Весна Ацевска, Глигор Стојковски, Александра Јуруковска и Дарин Ангеловски (членови)  после прочитот на сите 53 пристигнати книги направи заедничка селекција и во потесен круг од пет книги влегоа збирките: „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорго Димоски (издание на ПНВ публикации); „Килибар и младост“ од Гордана Михаилова Бошнакоска (издание на Макавеј); „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска (издание на Чудна Шума); „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков (издание на ТРИ); „Небото ми е дома“ (духовна поезија) од Катица Ќулавкова (издание на Струмичка православна епархија).

    Од овие пет поетски збирки, жири- комисијата едногласно донесе одлука наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска книга меѓу две изданија на Фестивалот да ѝ биде доделена на книгата „Небото ми е дома“ (духовна поезија)  на поетесата Катица Ќулавкова

    Во образложението за одлуката жирито ќе напше:

    „…Најновата стихозбирка на Катица Ќулавкова „Небото ми е дома“ се протега во еден специфичен поетски ареал, од авторката определен како простор на духовна поезија, која е заснована на експресивна трансмисија на набожни чувства и мисли во стихови, користејќи притоа низа поетски средства како што се митските слики, симболите, реминисценциите, алегориите, метафорите и метонимиите, па и користење на одломки од најзначајни сакрални интертекстови, поезија која воедно се потпира и на ритамот, алитерации и асонанции и на други јазични игри и фигури кои го зајакнуваат нејзиниот севкупен естетски интензитет. Својот однос спрема духовната поезија Ќулавкова го манифестира во некои свои песни уште од нејзината прва поетска книга „Благовести“, но и во низа други нејзини стихозбирки. Но, овде, во „Небото ми е дома“, станува збор за свесно моделирана концептуална поетичка надградба, за „гледање со душата“, која е во дослух со оној вид поетски говор којшто има „изразен осет за сакралниот ерос“ и копнеж, за возљубеност, карактеристична само за човечкото битие…“

    Катица Ќулавкова, поетеса, есеистка, теоретичарка на книжевноста, e редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (од 2003), член на Европската академија на науките и уметностите (Салцбург) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН. Била универзитетски професор по теорија на книжевноста на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 16 книги поезија на македонски, 18 преводи на нејзината поезија (англиски, француски, турски, италијански, хрватски, романски, португалски, руски, словенечки, бугарски, српски и др.), две збирки куса фикција и една поетска драма, како и над триесет хрестоматии, антологии, критички изданија и др. Има преведено есеи, поезија и книги од француски на македонски јазик (Сафа Фати, Паскал Кињар). Добитник е на најголемите награди за поезија, есеистика и наука во Македонија,  вклучително и државната награда за животно дело „11 Октомври“, потоа  наградата на Романската асоцијација на писатели и на Албанскиот ПЕН. Од Владата на Република Франција е одликувана со орденот Офицер во Редот на уметноста и книжевноста

    Струшките вечери на поезијата оваа година ќе се одржат од 22 до 26 август во своето редовно издание на препознатливите локации.

    е-Трн да боцка во твојот инбокс

    Последни колумни