Во време кога повеќето трчаат за да побегнат од секојдневието, Катерина Шиповиќ трча за да му се приближи — до тишината, до сопствениот ум и до она чувство на слобода што се појавува само кога границите престануваат да бидат заплашувачки и стануваат предизвик. Нејзината приказна не почнува со медали или спортско детство, туку со желба да открие што сè може човечкото тело кога ќе му се даде шанса, и што може умот кога ќе одлучи да не се откажува.
Првата Македонка што два пати го заврши легендарниот Spartathlon, и една од ретките што ја поминаа суровата, но магична патека на Tor des Géants, Катерина не го користи спортот за да докаже нешто на светот — туку за да го истражи сопствениот. Низ студ, жега, планини и илјадници чекори, таа ја носи онаа ретка комбинација на дисциплина, смиреност и упорност што ги прави најголемите ултрамаратонци различни од сите други.
Во ова интервју, Катерина зборува за трчањето како за начин на живот, за трките што ја обликуваа и за моментите кога телото попушта, но духот не дозволува да се застане. Ова е приказна за издржливост — но и за љубов кон патот, не само кон целта.

ТРН: Каде започна твојата приказна со трчањето? Во кој моментот трчањето од хоби стана животна страст и предизвик?
Кате: Во моето детство никогаш не сум била активна во ниту еден спорт. Почнав да спортувам во почетокот на моите дваесетти години, кога единствената цел ми беше одржување на физичка форма на телото. Но со текот на времето сфатив дека во мене постои силен натпреварувачки дух – пред се кон самата себе, за кој дотогаш не ни бев свесна. Така постепено рекреативното трчање прерасна во вистинска страст. Денес, таа страст е неизоставен и многу значаен дел од мојот живот.
ТРН: Што те привлече токму кон тие екстремни дистанци – желбата да ги поместиш сопствените граници или нешто подлабоко?
Кате: Токму тоа, потребата да се надминам себеси и љубопитноста кон тоа колку далеку можам да стигнам.
ТРН: Од легендарниот Spartathlon меѓу Атина и Спарта, до суровата убавина на Tor de Geants на Алпите – истрча две трки што се граница меѓу човекот и невозможното. Какво беше искуството да бидеш првата Македонка што двапати го завршила Spartathlon, и како изгледа подготовката за патека долга 330 километри?
Кате: Да се биде првата Македонка што го завршила Spartathlon, па и една од првите тројца Македонци кои ја завршиле Tor des Geants пред се е огромна чест. Двете трки имаат посебно место во светот на ултрамаратоните и самото учество на истите е голема привилегија.
Двете трки целосно се разликуваат една од друга, Spartathlon е трка што се трча од Атина до Спарта – 246 километри, и се одржува секоја година во последниот викенд од Септември. Трката е исклучително предизвикувачка поради периодот од годината во кој се одржува, кога температурите достигнуваат 30–35 степени Целзиусови преку ден, проследени со висока влажност на воздухот, а најголемиот дел се трча по пат и автопат без никаква сенка. Дополнителна тешкотија претставува и временскиот лимит од 36 часа. Спартатлон има историско значење – оваа година се одржа нејзиното 43-то издание. Оваа трка беше мој сон неколку години пред да учествувам. Толку многу читав, гледав видеа и документарци за неа, што кога конечно ја трчав, имав чувство како веќе да сум го поминала истиот пат.
Tor des Geants пак е еден прекрасен настан на Алпите со волшебни убавини. Организацијата беше на највисоко ниво, а дел од неа беа и околу 2.800 волонтери кои со цело срце и душа работат на настанот за да биде успешен и уште поубав за сите тркачи. Локалното население дава огромна поддршка на тркачите низ целата патека бодрејќи ги и поздравувајќи ги со восхит и почит. А пак убавините на Алпите придонесуваа да се чуствувам како да сум во сон. Целата трка ми беше вистинско уживање, од првиот момент кога стоев на стартната линија, па се до самиот финиш. Едноставно, сакав да трае и покрај бруталноста и немилосрдноста што самата трка ги носи со себе, како и предизвиците со кои се соочував таму.
За Tor des Gеants имавме тренинг план подготвен од Италијански тренери со долгогодишно искуство на оваа трка. Планот вклучуваше интервалски тренинзи на рамно и на брдо, темпо-тренинзи, како и неколку викенди со неколкудневни последователни долги тренинзи на планини каде има услови слични на оние на трката. Тие тренинзи најчесто ги изведувавме на нашите планини – Галичица и Шар Планина.
Дисциплинирано се придржувавме до планот, кој успешно не подготви за сите предизвици со кои се соочивме на трката – како физички, така и ментални.

ТРН: Каде ја чувствуваш најголемата борба –во телото, со природата или со сопствениот ум?
Кате: Мислам дека во спорт како ултрамаратонот овие три елементи – телото, природата и умот се поврзани меѓу себе. Во различни моменти борбата доаѓа со секој од нив, и секој од тие предизвици знае да стане доминантен. Понекогаш телото те изневерува, понекогаш природата ти поставува ѕид, а многу често најголем противник ти е сопствениот ум. Но ултрамаратонот е токму тоа: постојано балансирање меѓу трите и наоѓање сила да продолжиш понатаму.
ТРН: Во твојата кариера веќе имаш неколку рекорди – меѓу нив и националниот рекорд од 211 километри за 24 часа. Кој од сите досегашни подвизи го сметаш за твој најголем спортски успех – и зошто?
Кате: Најголем резултатски успех ми е националниот рекорд на ултрамаратонска трка на 24 часа со истрчани 211,059 км, кој го постигнав во Белград во Септември, 2023 година. Сепак, Spartathlon и Tor des Géants се трки кои имаат посебно место во светот на ултрамаратоните и имаат огромно значење.
ТРН: А кога зборуваме за трки дома – која трка во Македонија ти била најголем предизвик или ти останала во најсилно сеќавање? Што ја прави посебна нашата локална тркачка сцена?
Кате: Нашата земја е богата со многу убава природа, прекрасни планини и езера, што создава услови за многу убави трки. Сепак како трка која ми била најголем предизвик би ја издвоила трката Ohrid Ultra Trail од 107 кмна Галичица. Охрид ми е омилено место во земјава па можеби токму тој факт придонесува за мојата љубов кон оваа трка.
ТРН:Кои се твоите следни цели – нови трки, рекорди или нешто сосема поинакво?
Кате: Моите апетити постојано растат, среќна сум што имам поддршка од сопругот и најблиските, па доколку ме служи здравјето и имам сила, има уште многу предизвици кои ги имам на ум и кои би сакала да ги реализирам. Планирам да го подобрам својот резултат на 24 часа, но на ум имам и поголеми ултрамаратони од типот на Spartathlon и Tor des Géants.

ТРН: Што би им порачале на младите кои сакаат да трчаат, но сè уште не веруваат дека можат да стигнат „толку далеку“?
Кате: Да ги следат своите соништа, да веруваат во себе и да настојуваат секогаш да продолжат напред – затоа што се е возможно кога искрено го посакувате.
