Земјотресот со интензитет од 7,7 степени според Рихтеровата скала што вчера го погоди Мјанмар ослободи енергија еднаква на 334 атомски бомби, изјави геологот Џес Феникс за Си-ен-ен.
Според неа, последователните потреси би можеле да траат со месеци бидејќи индиската тектонска плоча продолжува да се спушта под евроазиската плоча во регионот на Мјанмар.
Бројот за загинати во вчерашниот земјотресот порасна на 1000, а спасувачите се во очајна потрага по преживеани. Лидерот на мијанмарската војска објави вонредна состојба и побара од сите кои можат да помогнат да дојдат. ООН веќе е во контакт со властите.
Според податоците на USGS, епицентарот бил на околу 17.2 километри од градот Мандалај, кој има околу 1.2 милиони жители. Околу 12 минути по првиот земјотрес, подрачјето го погоди и последователен земјотрес со јачина од 6.4.
Русија, Индија, Малезија и Сингапур испраќаат авиони со хуманитарна помош и спасувачки тимови во Мијанмар, земја која е опустошена од граѓанска војна по воениот удар во 2021 година.
„Ќе го следиме развојот на ситуацијата и дополнителна помош ќе следува наскоро,“ рече индискиот министер за надворешни работи, Субрахманијам Џајшанкар.
Јужна Кореја најави дека ќе обезбеди почетна хуманитарна помош од 2 милиони долари за Мијанмар преку меѓународни организации. Блокот на земји од Југоисточна Азија, АСЕАН, објави и е подготвен да ги поддржи напорите за опоравување на земјата.
Соединетите Американски Држави, кои имаат напнати односи со мијанмарската војска и ја санкционираа нејзината власт, вклучувајќи го лидерот на воената хунта, Мин Аунг Хлаинг, објавија дека ќе обезбедат одредена помош.
Во Мандалај спасувачите се обидуваат да дојдат до седум лица заглавени под урнатините на срушената повеќекатница. Еден од членовите на спасувачкиот тим рече дека за време на ноќта успеале да извлечат 50 луѓе од таа зграда.
Од земјотресот кој го погоди подрачјето близу до вториот по големина град во Мијанмар поминаа повеќе од 24 часа, а штетата е соразмерна со разорноста.