Силните врнежи што ја зафатија Албанија предизвикаа масовни поплави, при што под вода завршија околу 1.000 домови и над 1.500 хектари земјоделски површини. Стотина семејства беа итно евакуирани, а штетите на инфраструктурата се огромни – оштетени се бројни патишта и речиси дваесет мостови. Во село во општина Девол е регистрирана и една жртва.
Министерот за одбрана Пиро Венгу, во обраќање од Мобилниот центар за цивилни вонредни состојби, истакна дека најпогодени се регионите Лежа, Пешкопеја, Фиер, Берат, Корча, Ѓирокастро и Валона. Нивото на реките е значително покачено, а спасувачките екипи работат во непрекинати смени.
Во Лежа се поплавени околу 600 домови, во Корча 300, во Валона 52, а во Фиер дополнителни 25. Поради високите води, властите организираа привремена евакуација на 52 семејства во Валона, 18 во Корча и уште неколку во останатите критични општини.
Особено загрижува состојбата со каскадата на реката Дрим, каде што се наоѓаат најголемите хидроелектрани во земјата. Од нивното внимателно управување зависи спречувањето на нови поплави, особено во поширокиот регион на Скадар.
Албанската армија е распоредена на повеќе локации и активно учествува во евакуација, спасување, доставување храна и зајакнување на браните и насипите. Надлежните предупредуваат дека ситуацијата останува напната и дека опасноста сè уште не е целосно помината.
