Бројот на загинати во разорните поплави во централните делови на Филипините, предизвикани од еден од најсилните тајфуни оваа година – Калмаеги, се искачи на најмалку 114 лица, потврдија властите во четврток. Тајфунот целосно потопи градови и села, а најтешко е погоден островот Себу, јавува BBC.
Пустош на островот Себу
Само на Себу, најнаселениот остров во регионот, се потврдени 71 жртва, додека 127 лица се водат како исчезнати, а 82 се повредени.
Покраинските власти наведуваат дека вкупниот број на загинати би можел да биде уште поголем, бидејќи не се вклучени сите пријавени случаи.
Повеќето жртви се удавиле во надојдените поплавни бранови, што ги повлекле калливите реки низ планинските падини.
Штетата е огромна – зградите се урнати или однесени, а густ слој кал ги прекрива улиците и домовите.
Локалните власти ја опишаа ситуацијата како „невидено разорување“.
Стотици илјади раселени
Националната агенција за катастрофи соопшти дека над 400.000 лица се раселени на островот Себу, кој има околу 2,5 милиони жители.
Меѓу жртвите се и шест члена на воен хеликоптер, кој се урнал на островот Минданао додека летал кон погодените подрачја.
Карлос Хозе Лањас, 19-годишен волонтер, изјавил дека дури и поискусните спасувачи биле изненадени од брзината и силата на поплавите.
„Ова е најлошата поплава што сум ја доживеал. Речиси сите реки на Себу излегоа од коритата. Дури и итните служби не очекуваа вакво нешто“, рекол тој.
Година на невидени бури
Тајфунот Калмаеги, локално познат како Тино, е дваесеттиот тропски циклон што ги погоди Филипините оваа година – земја која редовно страда од силни бури.
Само еден месец претходно, други тајфуни однесоа повеќе од десет животи и предизвикаа голема материјална штета.
Во септември земјата ја погоди супер-тајфунот Рагаcа (локално Нандо), а веднаш потоа и тајфунот Буалој (локално Опонг).
Сите тие беа придружени со екстремно влажна монсунска сезона, што повторно го отвори прашањето за корупција и недовршени проекти за заштита од поплави.