Најмалку 24 лица загинаа во страшните поплави кои го погодија округот Кер во американската држава Тексас. Во тек е потрага по повеќе од 20 деца кои исчезнале од кампот Мистик. Досега се спасени 237 лица…
Се стравува дека бројот на жртви ќе расте.
Најмалку 13 загинати и 23 исчезнати девојчиња од летен камп е трагичниот биланс на смртоносните поплави долж реката Гвадалупе во централен Тексас во петокот, соопштија локалните власти.
Американската Национална метеоролошка служба прогласи вонредна состојба поради поројни поплави за делови од округот Кер, околу 105 км северозападно од Сан Антонио, поради невреме со силни дождови кои донесоа до 30 см дожд.
Градоначалникот на Кервил, Далтон Рајс, рече дека екстремните поплави се појавиле пред зори без никакво предупредување, што им оневозможило на властите да издадат наредба за евакуација.
„Ова се случи многу брзо, за многу кратко време и не можеше да се предвиди“, изјави Рајс. „Сѐ се случи за помалку од два часа.“
Окружниот шериф Лери Лејта изјави дека се пронајдени 13 тела. Некои биле во автомобили кои биле однесени од реката.
„Мислам дека ќе има уште кога сето ова ќе заврши“, изјави шерифот.
Властите трагаат по 23 девојчиња кои се водат како исчезнати меѓу 700 деца во неколку летни кампови во близина на брегот на реката Гвадалупе. Нивниот камп бил поплавен околу 4 часот наутро по локално време.
„Се молиме сите исчезнати да се пронајдат живи“, рече заменик-губернерот на Тексас, Дaн Патрик.
Сите останати од камповите се безбедни, соопштија властите, но не можеле веднаш да бидат евакуирани бидејќи патиштата биле непроодни поради високата вода.
Властите велат дека прават сѐ за да ги извлечат децата од поплавеното подрачје.
Патрик изјави дека реката Гвадалупе се издигнала за 8 метри за само 45 минути поради силните дождови кои го поплавиле подрачјето.
Тимови за потрага го надлетувале подрачјето со 14 хеликоптери и десетина дронови, додека стотици служби за итна помош спасувале луѓе кои се искачиле на дрвја.
Бидејќи метеоролозите најавуваат уште дождови, Патрик предупреди дека заканата од нови поројни поплави се протега од Сан Антонио до Вако во следните 24 до 48 часа.
Огромна спасувачка акција е во тек во Тексас. Вклучени се 14 хеликоптери, подигнати се 12 дронови, вкупно околу 500 спасувачи се на терен…
.