Катастрофален раст на сообраќајните незгоди: 7.156 повредени во Македонија, над 1,3 милиони во Европа

Во 2024, Македонија има 7.156 повредени и 142 загинати во сообраќај, додека во Европа бројот на повредени достигнува 1,3 милиони.

Во 2024 година, Македонија имало 4.526 сообраќајни несреќи, со 7.156 повредени лица и 142 загинати, највисоки бројки во последните четири години. Истовремено, во Европската унија биле регистрирани 19.940 загинати и околу 1,3 милиони повредени лица, што укажува на огромен глобален предизвик за безбедноста на патиштата. Овие податоци сигнализираат дека сè уште се бараат ефективни мерки за намалување на несреќите и повредите, додека Македонија го проширува системот „Безбеден град“ за целосна контрола и превенција.

Континуиран раст на повредени и жртви во земјава

Во Македонија, трендот на зголемување на бројот на сообраќајни незгои е поразувачки. Податоците на државниот завод за статистика покажуваат раст на бројот на сообраќајни несреќи и повредени лица во последните четири години:

Во 2021 година имало 4.069 сообраќајни несреќи, кои резултирале со 6.659 повредени лица, а 116 загинати. Во 2022 година несреќите благо се намалиле (3.952), но и покрај тоа повредените биле 6.296, а загинати 124. Во 2023 година започнал повторен раст: 4.274 несреќи, 6.978 повредени и 127 загинати. Во 2024 година бројот на несреќи достигнал 4.526, со 7.156 повредени и 142 загинати.

Ова значи дека, во споредба со најниската точка во 2022 година, бројот на повредени лица во Македонија се зголемил за околу 860 лица во рок од само две години, а бројот на загинати е највисок во последните четири години.

Повеќето загинати во 2024 година биле возачи (85), следени од патници (33) и пешаци (24). Иако бројот на загинати пешаци има благо намалување, бројот на жртви меѓу возачите е алармантно висок.

Оваа статистика покажува дека Македонија не само што ги следи загрижувачките глобални трендови, туку во одредени аспекти има и покритични услови, особено кога станува збор за брзината, инфраструктурата и однесувањето на возачите.

Европа: милиони повредени, десетици илјади жртви годишно

Во 2024 година, во Европската унија биле регистрирани 19.940 загинати во сообраќајни несреќи, што претставува намалување од околу 2% во однос на претходната година, но сепак е илјадници трагедии на патиштата.

Иако статистичките податоци за сериозно повредени лица не се објавени во официјалните извештаи исто толку јасно како бројките за загинати, независни истражувања укажуваат дека бројот на повредени во сообраќајни несреќи во ЕУ многу надминува милион годишно. Според студија објавена од безбедносни стручњаци, околу 1,291,000 лица се повредени годишно на европските патишта, а околу 141,000 од нив се сериозно повредени.

Овие бројки укажуваат дека на секое ќоше на патиштата во ЕУ постои реална шанса за сериозна повреда – и покрај тоа што напорите за подобрување на безбедноста даваат резултат.

Зошто овие бројки се важни?

Повредените во сообраќај се многу повеќе од статистички број, тие се лица чиј живот е променет од едно секундарно невнимание, од една несреќа која можеше да се спречи.

Во Европа, дури и со подобрени стандарди за безбедност, цифрите остануваат високи: околу 1,3 милиони повредени годишно ауди ЕУ и загинати речиси 20.000 лица само во 2024 година.

Во Македонија, податоците покажуваат тренд на зголемување на несреќи, повредени и загинати во последниве години, што алармира дека сегашните мерки треба да се засилат, ревидираат и да станат пошироко применети.

Што се прави

Системот за „Безбеден град“за автоматска сообраќајна контрола во Македонија, со камери, радари и автоматско креирање на записници за прекршоци како брзина, минување на црвено, нерегистрирани возила започна со пробен период на 1 декември 2025 година, при што во првите денови биле регистрирани огромни броеви на прекршоци што сигнализира колку непочитувањето на правилата е распространето.

Министерството за внатрешни работи (МВР) најави дека системот ќе се прошири на Скопје, Тетово, Куманово и коридорите 8 и 10, со цел до средината на 2026 година да опфати цела територија на државата.

Техничките толеранции на брзина што ги применува „Безбеден град“ се усогласени со полициските радари, со што се обезбедува почетна фаза на прилагодување и превенција пред воведување на казни во целост. Сепак, за разлика од некои европски земји кои усвојуваат стратешки „Vision Zero“ пристапи – со цел да се преполоват сообраќајните жртви и сериозните повреди до 2030 година, Македонија треба да се фокусира на повеќе семпли, но клучни чекори се подобрување на инфраструктурата на патиштата, особено на критични точки каде често доаѓа до несреќи. Зголемување на јавната едукација за безбедно однесување во сообраќајот. Построги контроли и поголема имплементација на напредни системи за надзор и санкции и поддршка за возачи и пешаци преку програми за безбедност и обуки.

Состојбата со повредени лица во сообраќајните несреќи во Македонија и Европа е сериозна, но европските статистики укажуваат на многу поголем обем на проблемот отколку што официјалните бројки често покажуваат. Со повеќе од милион повредени во ЕУ годишно и растечки тренд на повредени и загинати во Македонија, јасно е дека безбедноста на патиштата мора да остане приоритет број еден за сите нивоа на власт и заедницата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни