Катастрофа од епски размери: Седуммина загинати во Европа поради поплави

Бурата Борис предизвика излевање на реки и зароби луѓе во нивните домови низ Австрија, Полска и Словачка.

Седум лица се удавија во Австрија, Полска и Романија, додека четири други се водат како исчезнати во Чешка, поради бурата Борис, која продолжува да ја погодува централна и источна Европа со поројни дождови и поплави, принудувајќи илјадници луѓе да ги напуштат своите домови.

Делови од Австрија, Чешка, Унгарија, Романија и Словачка се погодени од силни ветрови и невообичаено силни дождови уште од четврток.

Австрискиот вицепремиер, Вернер Коглер, во неделата изјави дека пожарникар загинал при справување со поплавите во Долна Австрија, по што оваа област е прогласена за катастрофална зона.

Железничките услуги се прекинати во источна Австрија, а во Виена беа затворени неколку метро линии, бидејќи реката Вин беше на работ да го прелие својот брег.

Во Полска, премиерот Доналд Туск соопшти дека една личност се удавила во регионот Клодзко, каде околу 1.600 луѓе се евакуирани. Полските власти ја мобилизираа и армијата за поддршка на пожарникарите.

Во Чешка, полицијата соопшти дека четири лица се водат како исчезнати, меѓу кои тројца во автомобил кој бил однесен од поплавите.

Во Романија, пет лица загинаа во поплави во југоисточниот дел на земјата, каде 5.000 домови се оштетени. Претседателот на Романија, Клаус Јоханис, изјави дека Европа сè повеќе ги чувствува последиците од климатските промени, кои предизвикуваат драматични последици.

Словачка прогласи вонредна состојба во главниот град Братислава, додека дождовите се очекува да продолжат барем до понеделник во Чешка и Полска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни