Катарски воен авион удри во столб во Милано пред Олимпијадата

Воениот транспортен авион превезувал 104 припадници на елитните катарски безбедносни сили ангажирани во обезбедувањето на Зимските олимписки игри Милано–Кортина
Foto: Tournament Security Force

Воен транспортен авион на Катарските воздухопловни сили удрил во расветен столб при маневрирање по слетувањето на аеродромот Малпенса во Милано, пренесува The Guardian. Авионот превезувал 104 припадници на елитните катарски безбедносни сили, ангажирани во рамки на меѓудржавен договор за обезбедување на Зимските олимписки игри Милано–Кортина, кои започнуваат на 6 февруари.

Според информациите, до инцидентот дошло поради „погрешен маневар“ при оддалечување од терминалот. Станува збор за воен авион од типот C-17 Globemaster III, а во несреќата нема повредени.

И покрај инцидентот, по искрцувањето на безбедносниот персонал била организирана свечена церемонија за добредојде, на која присуствувале катарскиот амбасадор во Италија и претставници на локалните власти во Милано.

Контроверзии околу обезбедувањето на Игрите

Италијанската влада најави силно безбедносно присуство за време на Игрите, со ангажман на околу 6.000 припадници на различни домашни полициски служби, како и странски безбедносни партнери, меѓу кои и катарски сили и американски агенти.

Дел од јавноста и политичките кругови изразија загриженост поради учеството на американската имиграциска служба ICE, што предизвика и најави за протести во Милано. Градоначалникот на градот, Џузепе Сала, изјави дека агентите на ICE „не се добредојдени“, наведувајќи дека нивните методи не се во согласност со европските демократски стандарди за безбедност.

Од италијанското Министерство за внатрешни работи, пак, уверуваат дека улогата на катарските сили е „првенствено тренинг и поддршка“, додавајќи дека Катар е клучен партнер во безбедносниот план за Олимписките игри.

Катар и растечкиот спортски и геополитички ангажман

Иако Катар нема свои спортисти на Зимските олимписки игри, во Милано се очекува присуство на шеикот Џоаан бин Хамад Ал Тани, новоизбран претседател на Олимпискиот совет на Азија и актуелен претседател на Катарскиот олимписки комитет.

Катар веќе е домаќин на Азиските игри во 2030 година и јавно изрази амбиција за кандидатура за Летните олимписки игри во 2036 година, како дел од поширока стратегија за зголемување на своето влијание во глобалниот спорт и меѓународната политика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни