Ултрадесничарскиот адвокат Хосе Антонио Каст денес положи заклетва како претседател на Чиле, со што стана најдесничарскиот шеф на државата во таа земја од времето на воената диктатура на Аугусто Пиноче (1973–1990).
„Да, се колнам“, изјави Каст за време на свечената церемонија пред парламентот во Валпараисо, на околу 110 километри западно од Сантијаго, каде што му беше врачена претседателската лента.
На инаугурацијата присуствуваа повеќе регионални лидери, меѓу кои аргентинскиот претседател Хавиер Милеј, боливискиот политичар Родриго Паз, претседателот на Еквадор Даниел Нобоа, американскиот потсекретар Кристофер Ландау, како и добитничката на Нобеловата награда за мир, Венецуелката Марија Корина Мачадо.
„Работите ќе се променат“, кратко изјави Каст пред новинарите непосредно пред церемонијата.
Неговото доаѓање на власт го става Чиле меѓу земјите во Латинска Америка со конзервативни влади, тренд кој се засили по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
Во текот на изборната кампања Каст тврдеше дека Чиле се „распаѓа“ и вети дека ќе се справи со криминалот и нелегалната имиграција.
Политичкиот аналитичар Родриго Арелано изјави дека Каст ќе претставува „конзервативна десница каква што Чиле не видел од враќањето на демократијата“.
Каст (60) го наследува левичарски ориентираниот претседател Габриел Бориќ, откако убедливо победи на изборите во декември.
Иако стапката на убиства во Чиле во 2025 година изнесувала 5,4 на 100.000 жители – што ја прави една од најниските во Латинска Америка – темата за безбедноста доминираше во кампањата.
За време на своите говори Каст често настапуваше зад непробојно стакло, тврдејќи дека земјата се соочува со сериозни безбедносни предизвици.
Неговата влада веќе предизвика контроверзии, бидејќи меѓу новите функционери се двајца поранешни адвокати на диктаторот Пиноче, како и активистка против абортус која ќе го води Министерството за жени.
Иако десницата има силна позиција во парламентот, на новата влада ќе ѝ бидат потребни и гласови од централно-левите партии за да ги спроведе дел од своите ветувања.
Каст исто така го обвини својот претходник дека сокривал информации за проектот за подводен оптички кабел кој треба да го поврзе Чиле со Кина.
Во кампањата тој избегнуваше директни полемики за својата наклонетост кон Пиноче и категоричното противење на абортусот, но остро ја критикуваше нелегалната имиграција.
Критичарите, пак, ја оценија кампањата како „неправедна и ксенофобична“, тврдејќи дека мигрантите биле ставени во ист кош.