Eдинаесет лица загинаа, над 20 повредени во напад на фестивал во Ванкувер

Според ванкуверската полиција, возилото влегло на улицата во сабота во 20:14 часот и удрило луѓе кои присуствувале на фестивалот Денот на Лапу Лапу, пренесува Танјуг.

Најмалку 11 лица загинаа, а над 20 беа повредени откако во саботата вечер маж со автомобил влета меѓу луѓето собрани на фестивал на филипинската заедница во Ванкувер, соопштија денеска властите.

„11 се загинати, а над дваесет се повредени во она што ванкуверската полиција го опишува како напад со автомобил“, изјави премиерот Марк Карни, кој го откажа својот прв предизборен митинг на последниот ден од кампањата пред утрешните избори, пренесува AP.

Според него, истрагата е во тек за да се утврди како и зошто се случил овој ужасен напад.

„Властите потврдија дека едно лице е во притвор и се верува дека делувало самостојно“, истакна тој.

Полицијата соопшти дека е уапсен 36-годишен маж од Ванкувер на самото место, а Одделот за тешки кривични дела ја води истрагата.

„Во овој момент сме уверени дека инцидентот не бил терористички чин“, соопшти полицијата рано изутрината.

Вршителот на должноста началник на полицијата во Ванкувер, Стив Рај, изјави на прес-конференција дека мажот бил задржан од страна на случајни минувачи пред да биде уапсен.

Видео што кружи на социјалните мрежи прикажува млад маж во црна дуксерка со капуљача, потпрен со грбот на метална ограда, покрај обезбедување, опкружен со луѓе кои викаат и го навредуваат.

„Жал ми е“, рекол мажот, држејќи ја раката на главата.

Рај одби да го коментира видеото, но потврди дека лицето во притвор е „осамен маж“ кој бил „познат на полицијата во одредени околности“.

Карни додаде дека властите не веруваат дека постои каква било активна закана за Канаѓаните.

„Синоќа семејства изгубија сестра, брат, мајка, татко, син или ќерка. Тие семејства живеат кошмар кој никој не сака да го доживее. На нив, на многуте повредени, на филипинско-канадската заедница и на сите граѓани на Ванкувер, им го изразувам моето најдлабоко сочувство“, рече Карни.

Според ванкуверската полиција, возилото влегло на улицата во сабота во 20:14 часот и удрило луѓе кои присуствувале на фестивалот Денот на Лапу Лапу, пренесува Танјуг.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни