Претседателот на шпанскиот регион Валенсија, Карлос Мазон, поднесе оставка под притисок на јавноста и политичките партии, поради неговото спорно и неефикасно управување со смртоносните поплави што го погодија регионот пред нешто повеќе од една година и одзедоа 229 човечки животи.
Мазон, член на конзервативната Народна партија (Partido Popular – PP), долго време одбиваше да се повлече и покрај барањата за оставка, откако беше откриено дека во моментите кога градот бил погоден од поплавите, тој поминал повеќе од три часа на ручек со новинарка, додека граѓани се давеле во своите домови и автомобили.
Неговата упорност да остане на функцијата предизвика масовни протести низ Валенсија, при што демонстрантите го користеа слоганот „Кал на нашите раце, крв на неговите“. Според најновата анкета, дури 75% од жителите на Валенсија сметаа дека Мазон треба да поднесе оставка.
Денес тој конечно ја објави својата одлука, изјавувајќи: „Не можам повеќе да продолжам,“ по говор во кој ја обвини централната влада за неадекватен одговор на катастрофата. Мазон не прецизираше дали ќе распише предвремени избори, ниту дали ќе се повлече од пратеничкото место во регионалниот парламент, што би значело и губење на неговиот имунитет.
И покрај тоа, поранешниот претседател продолжи да тврди дека „ниедна влада во светот нема алатки да спречи ваков екстремен природен настан“, бранејќи ја својата улога во кризата.
Гневот на граѓаните особено се засили кога беше обелоденето дека сосема доцна бил испратен итниот аларм на мобилните телефони – дури по 20 часот на денот на поплавите, кога повеќето жртви веќе биле загинати. На државната комеморација во Валенсија минатата недела, Мазон беше пречекан со извици „убиец“, „кукавица“ и „треба да бидеш во затвор“. Тој призна дека „некои работи требало да функционираат подобро“.
Во моментов се води конгресна истрага за настаните од 29 октомври 2024 година, како и судска постапка во Валенсија, со цел да се утврди дали има основи за кривична одговорност за неспремност и небрежност што довеле до смрт на луѓе.
Новинарката Марибел Вилаплана, со која Мазон имал средба за време на катастрофата, потврди дека ручекот започнал во 15 часот и траел до околу 18:30, но тврди дека не била свесна за сериозноста на ситуацијата. Таа треба да сведочи пред судот во Валенсија.
Во јавноста, случајот се претвори во симбол на политичката неодговорност и неуспешното управување со кризи, оставајќи трајна горчина кај семејствата на жртвите и кај жителите на регионот.