Карла Црнчевиќ е хрватска филмска работничка, режисерка, кураторка и активистка, позната по својата ангажираност во алтернативната и феминистичката филмска сцена на Балканот. Таа е дел од иницијативата Kino Unseen, платформа која промовира децентрализирана културна размена и хибридни филмски настани надвор од фестивалските кругови.
Оваа година, Карла е членка на жирито во документарната програма на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, каде што со особено внимание го анализира визуелниот јазик и начинот на кој филмската камера придонесува кон раскажување приказни.
Во Интервјуто за Трн таа зборува и за жените во филмската индустрија, за алтернативната сцена и за времето кое вели ќе се памети по тишината и соучесништвото во геноцидот. Kaрла зборува и за нејзината најголема инспирација – нејзините колешки и другарки од културната сцена на Балканот, кои секојдневно се борат за посолидарни и праведни односи и во филмот и пошироко во општеството.

Трн: Како го доживувате фестивалот „Браќа Манаки“ и неговата уникатна фокусираност на филмската камера?
Kaрла: Ова е првпат да сум на фестивал кој го става фокусот на снимателот и камерата или пошироко кажано – на визуелниот јазик на филмот. Сметам дека ваквите фестивали се многу важни бидејќи ја дехиерархизираат застенетата филмска поделеност, во која режисерот е клучна фигура. Овде и како гледачи и како филмски работници, сме принудени да се фокусираме на други елементи и начини кои придонесуваат за целосното дело.
Трн: Кое е значењето на фестивалот за регионалната и меѓународната филмска заедница?
Kaрла: Сметам дека секој фестивал претставува потенцијално место за средба и размена. „Манаки“ изгледа како место каде гостите постојано се враќаат, и покрај одличните филмови во различни селекции, добиваат многу преку мастер-класови, тркалезни маси и фестивалски разговори.
Трн: Што значи за вас да бидете дел од жирито токму на овој фестивал, во Битола – град со толку богата кинематографска историја?
Kaрла: Голема чест е да се биде дел од жирито во документарната програма. Со секое ново гледање учам нешто ново, особено преку разговорите со колегите со кои ја делам оваа улога. Бидејќи ја доделуваме наградата за визуелен јазик, секое гледање е специфично и различно од вообичаеното бидејќи се фокусираме на начинот на визуелно раскажување. Првпат сум во Битола и ми се чини значајно што ваков фестивал се одржува токму тука. Тоа ѝ дава можност на публиката надвор од главниот град да биде во тек со новитетите, а на гостите да запознаат и други делови од земјата.
Трн: Што најмногу цените кога гледате филм од перспектива на камерата и визуелниот јазик?
Денес има многу иновативни пристапи кон сликата од класично снимање нов материјал, преку користење архивски снимки, до целосна деконструкција на сликата. Тешко е да се споредува генерално. За мене е најважно визуелниот јазик да оди рака под рака со целокупната визија на филмот и пораката што авторите сакаат да ја пренесат.
Трн: Како ја гледате улогата и присутноста на жените во денешната кинематографија и креативно и продукциски?
Kaрла: Иако ситуацијата е подобра од порано и жените сè почесто заземаат клучни позиции во продукцијата на филмови, сè уште има недостаток. Причината се уште силните родови подели во секојдневниот живот, кои им го отежнуваат професионалниот напредок. Освен тоа, би сакала да зборуваме не само од женска, туку и од феминистичка перспектива која е неразделно поврзана со класата: кој има услови да продуцира филмови во ситуација на хроничен недостиг на средства? Тоа обично се луѓе кои можат да си дозволат да работат потплатено или неплатено. Со тоа губиме гласови од различни позадини, а со тоа се губи и комплексноста на приказните. Постои опасност филмот да стане играчка за богатите.

Трн: Дали сметате дека има доволно платформи што ги поддржуваат женските гласови во филмот – особено во регионот?
Kaрла: Мислам дека тие платформи сè уште недостасуваат. Авторките сами си го пробиваат патот и често се маргинализирани. Најсилните феминистички филмски движења на Балканот беа Me Too иницијативите, кои се случија исклучиво поради храброста на самите филмски работнички. Институциите не ја одиграа својата улога. На пример, во Хрватска, две години по случајот Мартанич, сè уште се чека протокол за сексуално вознемирување на работно место. Сè оди бавно и најчесто сме без поддршка и заштита. Затоа е важно да се инсистира на синдикати кои ќе ја зајакнат заштитата на сите жени во филмската индустрија.
Трн: Кои авторки ве инспирираат денес – од Балканот и глобално?
Kaрла: Мислам дека денес е невозможно да се прави ангажиран филм без ангажман во политички движења кои се борат за поправедно општество. Живееме во време кое ќе се памети по тишината и соучесништвото во геноцидот. Мене најмногу ме инспирираат моите колешки и другарки од културната сцена на Балканот, кои секојдневно се борат за посолидарни и праведни односи и во филмот и пошироко во општеството.
Трн: Како денес го гледате балканскиот филм? Има ли регионалната сцена доволно солидарност и простор за експериментирање?
Kaрла: За жал, морам да кажам дека ми се чини дека има малку солидарност, особено во мејнстрим филмот. Но, важно е да се бориме и да ги споделуваме искуствата за да им биде полесно на новите генерации. Просторот за експериментирање постои онолку колку што сами си дозволуваме. Луѓето често не експериментираат од страв.
Трн: Со оглед на вашата иницијатива „Kino Unseen“ – колку е важно алтернативното кино и културната децентрализација на Балканот?
Kino Unseen (kinounseen.org) е платформа која се труди да организира филмски и хибридни кино настани редовно и без зависност од фестивалскиот модел. Се обидува да гради врски со кинематографии надвор од доминантната слика – од Латинска Америка, арапскиот свет, Азија… со оние кои не стигнуваат до централноевропските фестивали и го гледаат филмот како општествена практика, а не како финален производ. Тоа ме возбудува.
Трн: На што работите во моментов? Што може да очекуваме од вас во блиска иднина?
Kaрла: Работам на повеќе проекти паралелно. Завршувам два краткометражни филма и пишувам сценарио за долгометражен филм за Антифашистичкиот фронт на жените на Југославија. Поради природата на финансирањето и ниските хонорари, навистина мораме да работиме повеќе проекти истовремено за да преживееме.
Трн: Кога размислувате за филмот, што е најважно за вас – да раскаже, да се почувствува, да промени…?
Kaрла: Сметам дека е најважно во самата продукција на филмот да не ги репродуцираме насилните и хиерархиски односи кои ги критикуваме. Да бидеме нежни кон себе и кон колегите. Особено кога ги работиме своите проекти и имаме контрола врз процесите. Тоа ми изгледа суштински важно.