Високиот крвен притисок, познат и како хипертензија, може да биде посериозен проблем отколку што мислиме. Се развива постепено, а симптомите лесно можат да се помешаат со други здравствени состојби. Хипертензијата го оптоварува срцето, а ако не се препознае и не се лекува навреме, може да доведе до срцев или мозочен удар, како и други опасни компликации.
Кардиологот д-р Еван С. Левин често споделува здравствени совети на социјалните мрежи, а неодамна откри и најчестите симптоми на висок крвен притисок. Како што пишува порталот SheFinds, кардиологот издвојува шест симптоми – од кои многумина не се ни свесни дека се поврзани со хипертензија.
Главоболка
Главоболките може да имаат различни причини, но една од нив е и високиот притисок. Според кардиологот, главоболките поврзани со хипертензија „најчесто се силни и се јавуваат низ целата глава или во задниот дел, кај основата на черепот“. Доколку редовно чувствувате болка на овие места, добро е да го проверите притисокот.
Заматен вид
Заматениот вид е чест симптом на покачен притисок. Според податоци од Американската асоцијација за срце, доаѓа до оштетување на крвните садови во очите, па видот се влошува. Ако ви се замати видот, веднаш побарајте лекарска помош, бидејќи тоа може да го отежне извршувањето на секојдневните активности.
Краток здив
Краткиот здив може да биде знак дека телото се напрега повеќе од потребното. „Ако ви се случува дури и при обично одење, или ако се појави и во мирување, тоа е сериозен знак за висок притисок“, предупредува д-р Левин. Доколку чувствувате отежнато дишење при секојдневни активности, обратете се на лекар.
Болка во градите
Болката во градите за време на одење или вежбање може да значи дека срцето работи под голем притисок. „Тоа е многу сериозен симптом и често е поврзан со срцеви проблеми“, вели Левин. Болката може да биде како притисок или тапо чувство во градите. Ако трае подолго, веднаш побарајте лекарска помош.
Крварење од нос
Крварењето од нос, или епистакса, е симптом околу кој мислењата се поделени. Некои лекари не го поврзуваат често со хипертензија, но ако ви се случува често, добро е да разговарате со лекар.
Пенеста урина
Иако можеби непријатен, овој симптом е важен. Докторот објаснува дека пенестиот урин значи дека телото излачува протеини – нешто што може да се случи при висок притисок. Ако забележите ваква промена, информирајте го вашиот лекар.
Понекогаш симптоми воопшто нема
Најважното и најчестото „предупредување“ кај хипертензијата? Потполен недостиг на симптоми. „Затоа и ја нарекуваме хипертензијата тивок убиец“, вели д-р Левин и додава: „Мора редовно да го мерите крвниот притисок, барем еднаш годишно.“
Ако не можете да одите кај лекар, притисокот може да го мерите и дома. Тонометри може да се набават во аптеки, продавници или преку интернет.