Кардиналите денес се сместуваат во Ватикан пред почетокот на конклавата

Кардиналите денес започнуваат со преселување во своите простории во Ватикан, во пресрет на конклавата и изборот на нов папа, по смртта на папата Франциск на 21 април.

Повеќе од две недели по неговата смрт, вкупно 133 кардинали утре ќе се соберат во Систинската капела, каде што ќе започне конклавата – процес кој може да трае неколку часови, денови, па дури и месеци.

Кардиналите традиционално се сместуваат во пансионот „Санта Марта“ во Ватикан, кој нуди соби со приватни бањи и хотелски услуги. Сепак, поради ограничениот капацитет, некои кардинали ќе бидат сместени во „Санта Марта Векија“, блиска зграда што обично се користи за службеници на Ватикан.

Сместувањето ќе биде распределено по случаен избор (ждрепка), а кардиналите ќе можат да влезат во своите соби денес и утре наутро, пред свечената миса што го означува почетокот на конклавата.

Сите кардинали дале заклетва на тајност, со закана од екскомуникација доколку откријат детали од процесот. За време на конклавата, им е строго забрането да комуницираат со надворешниот свет.

Ватикан вчера објави дека за време на конклавата ќе биде прекинат мобилниот сигнал во сите згради каде престојуваат кардиналите, но не и на плоштадот „Свети Петар“.

По почетокот на конклавата, кардиналите ќе ги предадат своите мобилни телефони. Единствениот начин на комуникација со јавноста ќе биде преку традиционалниот чад од Систинската капела – црн ако не е донесена одлука, бел ако е избран нов папа.

На тајност се обврзале и сите останати лица вклучени во процесот – лекари, возачи, готвачи и чистачи – кои исто така положиле заклетва.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни