Дијагнозите на рак на тироидна жлезда, дојка, дебело црево, бубрези и ендометриум се во нагорен тренд ширум светот, при што ракот на дебелото црево најбрзо расте кај лицата под 50 години. Нова глобална студија открива дека бројот на случаи на рак се зголемува кај помладата популација во голем дел од светот – при што значителен дел од зголемувањето се поврзува со дебелината.
Овој пораст не е ограничен само на лица под 50 години, бидејќи и кај постарите генерации се забележуваат слични трендови. Истражувањето, објавено оваа недела во списанието Annals of Internal Medicine, ги анализирало податоците за рак од 42 земји на пет континенти во периодот од 2003 до 2017 година.
Научниците разгледале 13 видови на рак за кои претходно било пријавено дека се во пораст кај помладите возрасни.
Наодите потврдуваат дека неколку видови рак навистина стануваат почести кај возрасни лица на возраст од 20 до 49 години. Тука спаѓаат рак на тироидна жлезда, дојка, дебело црево, бубрези, ендометриум и леукемија – сите со зголемени стапки во повеќе од три четвртини од испитаните земји.
Ракот на тироидната жлезда покажал најстрмно зголемување, со просечна годишна промена од 3,57%. Следат ракот на бубрезите (2,21%) и ендометријалниот рак (1,66%). Ракот на дебелото црево, еден од најчесто дискутираните форми на рак кај млади, растел со просечна стапка од 1,45% годишно.
Иако кај повеќето типови рак стапките растеле и кај младите и кај старите, раком на дебелото црево најбрзо растел кај младите, што е исклучок.
Студијата покажува дека во скоро 70% од земјите, новите дијагнози растат побрзо кај младите оотколку кај постарата популација.
Истражувачите забележуваат дека овој тренд кај повеќе видови рак може да биде резултат на заеднички фактори, како што се зголемена стапка на дебелина, промени во исхраната и употреба на антибиотици.
Постарите возрасни и натаму го носат најголемиот товар
Иако откритијата ја нагласуваат загриженоста околу ранонастанатите видови рак, истражувачите предупредуваат да не се насочува целата превенција само кон младите.
И покрај брзиот раст на одредени видови рак кај лицата под 50 години, вкупниот број случаи и натаму е многу поголем кај постарата популација.
На пример, во САД, во 2022 година се дијагностицирани околу 50.000 жени под 50 години со рак на дојка, наспроти повеќе од 210.000 жени над 50 години.
Истражувачите повикуваат на повеќе студии за причините на овие појави, истакнувајќи дека новите сознанија можат да помогнат при планирање на идни истражувања и развој на соодветни стратегии за третман и грижа, особено за помладите пациенти.
Дали раните форми на рак навистина се зголемуваат – или само ги дијагностицираме почесто?
Студија објавена минатиот месец сугерира дека дел од зголемувањето на дијагнозите можеби се должи на преголема дијагностика, а не на вистински пораст на болеста.
Објавена во JAMA Internal Medicine, студијата ги разгледува осумте типови рак со најбрз раст кај лица под 50 години:
тироидна жлезда, анус, бубрези, тенко црево, дебело црево, ендометриум, панкреас и миелом.
Иако дијагнозите речиси се удвоиле од 1992 година, стапките на смртност останале стабилни – што укажува дека зголемениот број случаи можеби се должи на подобрена детекција, а не на реален пораст на тешки, животозагрозувачки случаи.
Истражувачите предупредуваат дека прикажувањето на ранонастанатиот рак како „епидемија“ може да биде претерано и со потенцијално негативни последици.
На пример, непотребните дијагнози можат да создадат емотивен, физички и финансиски товар за пациентите – изложувајќи инаку здрави млади лица на инвазивни третмани и долготрајно следење, кои можеби не се неопходни и не го подобруваат нивното здравје.