Капка Касабова: Мојата најголема желба е моите книги да бидат читани од нечитатели, од луѓето кои не читаат!

Вчерашната вечер посветена на делото на Капка Касабова во кафе книжарницата „Буква“ (20 август) претставуваше ретка можност за македонската публика не само да се сретне со авторка со интернационална книжевна репутација, туку и да влезе во еден подлабок дијалог со нејзиниот творечки свет. Разговорот, кој го водеа книжевната критичарка Ана Витанова-Рингачева и новинарот и книжевен ентузијаст Александар Маџаровски – „Читачот“, а на сцената беше присутен и преведувачот Бранислав Мирчевски, отвори широки хоризонти околу темите на идентитетот, границите и колективната меморија на Балканот.

Балканот како судбина и архетип

Во својот воведен осврт, Ана Витанова-Рингачева ги нагласи специфичните карактеристики на прозата на Касабова: тивка женска нежност која, преку нејзиното „громко перо“, се претвора во глас што ја осветлува судбината на Балканот. За Витанова-Рингачева, Балканот кај Касабова е истовремено болка и судбина, простор на колективни трауми, но и на духовни извори и изобилство – „место на крајпатни чешми, лековити, издашни, даровити“.
Таа потсети дека во романот Граница авторката ја дефинира чешмата – Ајазмото – како „гостопримство без домаќин или Балкан без граници“. Тоа, според Витанова-Рингачева, е суштинска поента на целата поетика на Касабова: балканските приказни најубаво ги раскажуваат оние кои биле разделени, раселени, оние со „половина срце“, откинати од сопствениот дом.

Границата како траума и универзален симбол

Од свој агол, Капка Касабова ја разви темата на границите како длабоки историски и лични рани. Границата, истакна таа, е повеќе од политичка линија: таа е „раскинување на телото на земјата“, длабок рез што создава трајни последици за луѓето од двете страни. Во нејзините книги Кон езерото и Граница се испишува протест против насилното наметнување на овие линии на поделба кои продуцирале победници и поразени, асимилации и молчења. Таа создава психогеографија – карта на душевните предели на ликовите, наследници на големите колективни трауми на XX век. Таа во своето излагање ќе каже: „Јас сум од последното поколение на Железната завеса“ и токму затоа таа е инспирирана за овие приказни и судбини.

Во разговорот со Маџаровски, Касабова нагласи дека за неа пишувањето не е апстракција, туку конкретен животен чин. „Книгата кога ќе ја пуштиш да си живее живот, таа веќе не е твоја“, истакна таа, додавајќи дека нејзината најголема желба е книгите да ги читаат „нечитатели“ – луѓе што инаку немаат навика да земаат книга в раце.
Особено значајна беше нејзината саморефлексија: дека кога тргнала кон границите на Балканот, била „во полно незнаење“, но токму тоа ѝ овозможило отвореност и скромност. Научила да слуша – нешто што, според неа, на Балканот често ни недостига: повеќе сакаме да зборуваме, отколку да слушаме.

Водата како архетип и космички елемент

Касабова, чие име е судбински поврзано со водата, ја претстави водата како најмоќен и најтрансцендентален елемент на планетата. „Водата има памет, таа е женски елемент, таа е најсилниот елемент што ги победува сите“, рече таа. Водата е архетипска религија и суштина на животот, а чистата вода ќе стане „поценета и од златото“. Со оваа метафора Касабова не ја нагласува само еколошката димензија на своето творештво, туку и духовната – водата како извор на паметење, прочистување и бесконечност.

Човекот и местото

„Јас сум писател на местата“, рече Касабова. За неа местото е поважно од идеологијата – таму започнува историјата, таму се раѓа приказната. Она што ја фасцинира се животните искуства на обичните луѓе: како еден човек со кајче плови од Подградец до Трпејца во времето на Енвер Хоџа, или како семејство ја живее својата половина судбина од едната и од другата страна на границата.

Книжевната вечер во „Буква“ потврди дека Капка Касабова е писателка која ги отвора најсуштествените теми за современиот Балкан: идентитетот, границите, меморијата и човечкото достоинство. Со својата тивка, но продорна проза, таа создава мостови помеѓу луѓето, културите и времињата. А со своите поенти – дека вистинската сила е во слушањето, дека границите се вештачки, а водата е архетипски лек – Касабова ја претстави литературата не како уметност на зборовите, туку како практика на духовно и човечко преживување.

Во издание на Или – Или досега се преведени двете книги од нејзината тетралогија за Баланот, „Граница’ и „Кон езерото“.

Фотограф: Надица Манева Ангеловски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни