Капитенката на женската фудбалска репрезентација на Иран, Захра Ганбари, го повлече барањето за азил во Австралија, објавија иранските државни медиуми.
Таа е петтата членка на иранската делегација која се предомисли по учеството на Азискиот куп во фудбал за жени. Според иранската новинска агенција IRNA, Ганбари од Малезија ќе отпатува за Иран во следните неколку часа.
Пред неа, три фудбалерки и еден член на стручниот штаб веќе ги повлекоа своите барања за азил и од Австралија заминаа во Малезија.
Понуда за азил по одбивањето да ја пеат химната
Австралискиот министер за внатрешни работи Тони Бурк изјави дека неговата земја им понудила азил на сите фудбалерки и членови на стручниот штаб.
Понудата дошла поради стравувањата дека по враќањето во Иран би можеле да бидат казнети, бидејќи на почетокот на турнирот одбиле да ја пеат иранската национална химна.
Иран ги одигра своите три натпревари од групната фаза на турнирот во австралиската држава Квинсленд на 2, 5 и 8 март, откако Соединетите Американски Држави и Израел на 28 февруари започнаа војна против Иран.
Во првичните напади беше убиен иранскиот врховен лидер Али Хамнеи, заедно со други високи функционери. Се проценува дека од почетокот на војната загинале најмалку 1.444 Иранци, меѓу кои повеќе од 170 луѓе – главно ученички – во напад врз основно училиште во градот Минаб.
Од „предавнички“ до поздравување на химната
Откако на првиот натпревар одбија да ја пеат химната, водител на иранската државна телевизија IRIB ги нарече фудбалерките „предавници“.
Три дена подоцна, кога Иран играше против Австралија, фудбалерките не само што ја пееја химната, туку и ја поздравија.
Ова предизвика сомнежи дека биле принудени да го сменат ставот по жестоките критики во иранските медиуми. Иако фудбалерките и раководството на репрезентацијата не дадоа официјално објаснување, активисти за човекови права сметаат дека првичното молчење било чин на протест против иранската власт.
Дел од фудбалерките сепак остануваат во Австралија
Иранската државна телевизија претходно објави дека три фудбалерки се откажале од азил и патуваат кон Малезија, што подоцна го потврди и министерот Бурк.
Првично пет играчки потпишале документи за имиграција и прифатиле азил. Подоцна им се придружиле уште една фудбалерка и член на стручниот штаб.
По последните откажувања, две ирански фудбалерки остануваат во Австралија, каде им е ветена заштита и можност за нов живот.
Една од играчките, Мохадесе Золфигол, подоцна се предомислила и решила да се врати во Иран по разговор со соиграчките.
Проверки и заштита за играчките
Играчките кои одлучиле да останат во Австралија биле однесени на безбедна локација од страна на Австралиската федерална полиција, каде се сретнале со имиграциски службеници и потпишале документи.
Според Бо Буш од синдикатот на фудбалери FIFPRO, секој член на тимот бил сослушан поединечно и информиран за своите права.
„Ифудбалерките беа целосно запознаени со поддршката која им е достапна. Процесот сигурно не беше избрзан“, изјави Буш.