Јавното обвинителство објави нови детали за тешката сообраќајна несреќа што се случи на 9 јануари во скопската населба Капиштец, во која животот го загуби пешакот Љуба Јаковлеска. Според официјалните информации, осомничениот 18-годишник управувал автомобил без да поседува важечка возачка дозвола, не се придржувал до сообраќајните прописи, возел со несоодветна брзина и преминал во спротивната сообраќајна лента.
При такви услови, со возилото удрил во Љуба Јаковлеска која во тој момент попречно го преминувала коловозот. Од ударот и падот на асфалтот, жената се здобила со тешки телесни повреди. Наместо да ѝ укаже помош, возачот веднаш го напуштил местото на несреќата. Повредената била пренесена во Ургентниот центар, каде што и покрај укажаната медицинска помош, починала.
Истрагата утврдила дека уште две лица (маж и жена) му помогнале на осомничениот да избега од државата. Тие го пренеле со свој автомобил преку граничниот премин Табановце, со што, според обвинителството, активно учествувале во прикривање на сторителот на кривично дело.
Двата соучесника се лишени од слобода по нивното враќање во земјава, а јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.
Притвор е побаран и за 18-годишниот возач, кој во моментот е во бегство. Како што соопшти обвинителството, мерката ќе започне да се применува веднаш по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на собраните докази, ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека засега нема да објават фотографија, ниту идентитет на осомничениот. Од МВР велат дека, поради интересите на истрагата и безбедносната проценка, овие податоци во овој момент нема да бидат споделени со јавноста.
